Пораките за кохезија на македонското ткиво од манифестацијата „Заедно за Македонија“ силно одекнаа во дијаспората

Академик Љупчо Коцарев испрати силна порака за обединување од манифестацијата „Заедно за Македонија“ во Вилмерген, Швајцарија. Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) нагласи дека во светот денес постојат голем број здруженија и асоцијации на Македонците, но иницијативата за тоа обединување треба да произлезе од Македонија, односно Македонците во Македонија да се обединат околу три нешта…

Одгласи од манифестацијата „Заедно
за Македонија“ во Вилмерген, Швајцарија

Во рамките на манифестацијата „Заедно за Македонија“ во Вилмерген, Швајцарија, во организација на Македонскиот национален совет – Швајцарија, која се одржа деновиве, беа испратени пораки за помирување и обединување на Македонците околу националните и државните интереси, но и пораки за афирмација и заштита на македонските национални особености – јазик, култура, традиција итн. Особено впечатливо обраќање пред присутните имаше академик Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), кој укажа дека во светот денес постојат голем број здруженија и асоцијации на Македонците, но иницијативата за тоа обединување треба да произлезе од Македонија. На манифестацијата се обрати и Златко Николовски, претседателот на Македонскиот национален совет – Швајцарија, кој апелираше до македонските државни институции да се заинтересираат повеќе за потребите на Македонците низ светот, а ја нагласи и потребата од создавање министерство за дијаспора.

Три постулати на обединување

Љупчо Коцарев, како еден од главните гости на манифестацијата „Заедно за Македонија“ во Швајцарија, ја истакна потребата од обединување на македонската дијаспора и координација на нејзините активности преку македонските здруженија и асоцијации. Меѓутоа, иницијативата за обединувањето треба да произлезе од Македонија, па, оттука, прво треба Македонците во Македонија да се обединат околу три нешта, посочи Коцарев пред присутните.
Првиот постулат околу кој треба да дојде сплотувањето е фактот дека македонизмот подразбира две потточки. Македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството (вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија и Албанија) и низ целиот свет, како и јазикот што го зборуваат Македонците, македонскиот јазик, има просторен и милениумски континуитет, рече Љупчо Коцарев.
– Затоа, уште во февруари 2021 година повикав, „2021 да биде година во која еднаш засекогаш ќе се договориме, со акламација, и тоа е услов за влез во ЕУ, дека македонското име, македонскиот јазикот, македонската култура, македонскиот идентитет, македонската историја имаат милениумска традиција во границите на денешна Македонија и надвор од неа – посочи Коцарев.
Според претседателот на МАНУ, вториот постулат треба да биде Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации, односно дека секој има право на националност и никој не смее самоволно да биде лишен од својата националност, ниту од правото да ја промени националноста. Коцарев исто така нагласи дека граѓаните имаат право да го определат сопствениот национален идентитет, па така, некои граѓани во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија, можат да ја определат, по сопствен избор, својата националност – тоа е нивно право – „но поддржете го моето право и правото на илјадници други граѓани во Пиринска, Егејска и Вардарска Македонија, да имаме различно мислење од вашето – ние сме Македонци, нашиот јазик е македонски и нашиот идентитет е македонски“, истакна Коцарев.
– Од независноста на Македонија до денес, многу често, за жал, голем дел проблематични прашања, политичките аналфабети ги „решаваа“ на штета на Македонија, особено на македонскиот народ, со што се отвори пат за нејзино исчезнување како држава. Соочувајќи се со желбите на сите Македонци и со фактот дека во ваква Македонија, за нас, Македонците, нема живот, посакувам македонските политичари да увидат, еднаш засекогаш, дека само ние, Македонците, можеме да се избориме за нас, Македонците. Оттука, обединувањето на Македонците и на македонските политички партии е единствената можност за остварување на посакуваниот сон: вековно опстојување на Македонија – рече Коцарев.
Според него, третиот и последен постулат за обединување лежи во европскиот пат, кој нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата, но на тој пат, ние треба да чекориме само како Македонци.
– Инаку, во спротивно, тој пат води кон пропаст, исчезнување, обезличување, разнебитување. Никогаш порано во историјата на Македонија за дел од центрите на политичка моќ надежта за полноправно членство во ЕУ не била поголема, но никогаш, за жал, таа не направила толку многу штета како денес. Никогаш не научивме како да се откажеме од надежта, па затоа, денес, згаснуваат, изумираат македонскиот јазик, идентитетот, државата – нагласи Коцарев пред присутните на манифестацијата „Заедно за Македонија“ во Вилмерген.
Љупчо Коцарев исто така предупреди дека надежта ги прави луѓето беспомошни и ги спречува да дејствуваат храбро. Па така, поради надежта за полноправно членство во ЕУ дозволивме да се избришат Македонците во Егејот и во Пиринска Македонија, дозволивме бесмислени реформи и дивеења на владејачката елита.

Неопходност од министерство за дијаспора, дометот на Агенцијата за иселеништво е ограничен

Во рамките на манифестацијата „Заедно за Македонија“ свое обраќање имаше и Златко Николовски, претседателот на Македонскиот национален совет – Швајцарија, кој ги поздрави гостите, но и афирмираше неколку нешта што се од големо значење за Македонците низ светот.
Златко Николовски апелираше до македонските државни институции да се заинтересираат повеќе за потребите на македонската емиграција. Според него, Министерството за надворешни работи, кое е задолжено за дијаспората, е презафатено со други важни работи и нема можност доволно да им се посвети на иселениците.
– Агенцијата за иселеништво се бори колку што е можно да ѝ излезе во пресрет на македонската емиграција, но чувствуваме дека нејзиниот домет е ограничен, а дијаспората е сѐ помногубројна. Сугерираме создавање министерство за дијаспора со препознатливи претставници од сите континенти, кои имаат долгогодишно искуство со активностите на дијаспората, како и професионални лица од Македонија што реално ја познаваат темата емиграција. Со тоа сме сигурни дека односот Македонија – дијаспора драстично и квалитетно ќе се подобри – рече Златко Николовски.
Претседателот на Македонскиот национален совет – Швајцарија испрати и порака до оние друштва што го препознаваат МНС како релевантен фактор, дека МНС има искрени желби за заедничка соработка и дека постои подготвеност за договарање заедничка методологија и стратегија за промовирање на Македонија.
– Да, чувството за соединување и заедништво созрева повторно. Затоа што пред 100 години, поточно во 1918 година, д-р Анастас Коцарев ги обединил сите македонски друштва од Швајцарија во оној Генерален македонски совет. Ние денес го имаме Македонскиот национален совет како наследник на оној пред сто години. Исто така го имаме и академик Љупчо Коцарев, кој е од истото семејство и со истата цел, а тоа е обединување на Македонецот каде и да е – рече Златко Николовски на манифестацијата „Заедно за Македонија“ во Швајцарија.


Македонскиот национален совет – афирматор на националните и
државните интереси

Македонскиот национален совет од Швајцарија се стреми кон соработка помеѓу постојните македонски друштва и асоцијации во Швајцарија што дејствуваат на локално ниво. МНС е аполитична и непрофитабилна организација, а идејата за создавање на ова тело произлегла од иницијативата на трите црковни општини во Швајцарија кога било создадено привремено тело. Основните цели на МНС се промовирање на Македонија, поддржување и афирмирање на македонските национални и државни интереси. Преку своите активности, МНС го афирмира изучувањето на македонскиот јазик во Швајцарија, како и афирмација на македонскиот идентитет, традиција, култура и историја.
Златко Николовски, претседателот на МНС, вели дека денешната екипа во советот ја сочинуваат млади, но и повозрасни членови, стручни лица што можат да одговорат на потребите на Македонците во Швајцарија, истакнати членови од постојните друштва, кои успешно работат на локално ниво, како и интелектуалци и поединци со искрена желба да помогнат во реализација на планираните проекти на МНС.
– По неколку години работа потврдивме дека Македонскиот национален совет е организација што работи во интерес на македонскиот народ, ги промовира македонскиот јазик, култура, традиција и обичаи на територијата на Швајцарија и пошироко – вели Златко Николовски.
Гонца Перунковска, актуелна членка на раководство на МНС во својство на координаторка за култура во швајцарскиот кантон Тичино, вели дека во Македонскиот национален совет препознала ентузијазам, желба за работа и силна мотивација, пред сѐ, за афирмирање на македонската култура, историја, традиција, јазик на ниво на Швајцарија, како и можност за обединување и соработка со многубројните македонски друштва, асоцијации, клубови што дејствуваат во Швајцарија.
Некои од проектите на МНС се веќе во напредна фаза на реализација (организирање гала-прием во палатата на ООН во Женева, во соработка со Теута Агаи-Демјаха, амбасадорка и шефица на Постојаната мисија при ООН во Женева, на која ќе биде претставена Македонија пред амбасадори од целиот свет), а некои од проектите се во фаза на планирање, како што е организирањето бизнис-форум, вели Гонца Перунковска.
– Мојот личен ангажман потекнува од мојата база во Швајцарија (кантонот Тичино, Локарно, кај што живеам) преку афирмација на локалните асоцијации, клубови, училиштето по македонска настава и црковната општина, со кои се планира интензивирање на соработката. Не сум политички ангажирана, единствена асоцијација во која членувам е Организацијата на жени во Швајцарија, на чија покана ја реализирав мојата прва фотографска изложба пред четири години, на нивната божиќна трпеза во Берн – рече Перунковска, координаторка за култура во швајцарскиот кантон Тичино.