Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Победа, победа, победа“, вака прес-конференцијата ја започна генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски. Тој кажа дека од вечерва „Можеме“ е победничка коалиција.

Според Николовски, на 75 отсто од обработените податоци, јасно е дека СДСМ и коалицијата победуваат на изборите.

– ВМРО-ДПМНЕ и скапата бела палата ќе треба да си бараат ново раководство. Коалицијата „Можеме“ според податоците на Централниот изборен штаб, во овој момент, во растечки тренд води со два мандати. Трендот е растечки и ги добиваме и новите информации. Ја имам таа чест како шеф на изборниот штаб да прогласам победа на мојот СДСМ и оваа најголема коалиција. После цели 18 години прогласуваме победа на парламентарни избори со сигурно водство. Во првата изборна единица од 1 со можност на зголемување на бројот на пратеници. Со изедначена битка и со сигурен 10/10. Од третата изборна единица од 1 со можност за зголемување на бројот на пратеници. Со изедначена битка и со сигурен 10/10 во третата изборна единица. И со водство во шестата изборна единица, со тоа што ги очекуваме дополнително резултатите кои се обработуваат. Имаме сигурна, убедлива победа од граѓаните во Битола со над 1.000 гласа, во Куманово со над 3.500 гласа, во Центар над 4.100 гласа, во мојата Крива Паланка со над 2.500 гласа. Ресен над 1.000 гласа. Крушево, Дебар, Долнени, Лозово, многу други општини во сите изборни единици каде граѓаните јасно ја упатија поддршката. Солидна предност и победа имаме во Прилеп и во Берово. Над 1000 гласа победа во Делчево. Победа во Кочани. И да не ги редиме сите останати општини и градови каде граѓаните го поддржаа концептот на коалицијата. Очекуваме ваквиот тренд да расте. Ова покажува дека нашите политики, нашиот одговорен и сериозен пристап, уште еднаш се вреднувани и потврдени, препознаени од граѓантие. Тие го казнија ВМРО-ДПМНЕ затоа што сакаше да донесе опасност – рече Николовски.

Според него, резултатот досега е потврда на храбрите одлуки носени од Владата и претседателот на СДСМ, Зоран Заев во изминативе години.

– Негативното деструктивно, незрело и опасно однесување на ВМРО-ДПМНЕ е повторно казнето од граѓаните. Ги слушам од ВМРО-ДПМНЕ и се чудам. Почнаа со информации дека водат со осум, па дека водат со шест пратеници. А сега брифираат дека водат со еден пратеник. Како и да е, за еден час ќе мора да излезат пред граѓаните и јавноста. Во текот на целата кампања кажував и нотирав дека овој 15 јули не само што ќе биде добар, затоа што ќе се потврди овој европски пат и ќе биде обезбедена сигурноста и иднината на сите генерации, туку тој 15 јули ќе се памти како добар ден за ВМРО-ДПМНЕ, таму нека почнат реформите, нека дојдат други луѓе. Нека дојдат чесни луѓе. СДСМ стана оваа година најмодерна, најбрза и најевропска организација и структура, што денес се покажува и потврдува – додаде Николовски.