Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Пописот заврши, но изјавите дека резултатите ќе бидат обелоденети за шест месеци ги збунија и јавноста и аналитичарите. Креирањето развојни политики бара свежи податоци, а ваквите долги рокови само оставаат простор за сомневање во веродостојноста на податоците, Искуствата од некои други земји каде што се спроведувале пописи покажуваат дека резултатите се објавуваат во многу пократок рок од оној што беше спомнат кај нас. Според статистичарите, пожелно е резултатите да бидат обелоденети до крајот на оваа година, за да почнат навреме да се прават програмите за развој и плановите за работа во 2022 година

СТАТИСТИКАТА НЕ ОСТАВА ПРОСТОР ЗА ОДОЛЖУВАЊА И КАЛКУЛАЦИИ

Македонија по 20 години конечно направи попис на населението, становите и домаќинствата и сега очите на целата јавност се вперени кон Државниот завод за статистика, во очекување конечно да се дознаат резултатите од пописот.
И додека сите очекуваат во што пократок рок да се добијат резултати, кои може да бидат основа за креирање развојни програми и да се почне со нивна имплементација што поскоро, од ДЗС соопштија дека резултатите ќе ги објават најдоцна за шест месеци.
Ова, секако, претставува предолг рок за објавување на резултатите, ако се има предвид дека пред почетокот на пописот надлежните потенцираа дека е важно што поскоро да се добијат бројките за да се пристапи кон креирање развојни политики и државата да може да се развива. Но какви се практиките и искуствата во другите земји и кога таму се објавуваат резултатите?
Најдобра потврда дека рокот од шест месеци за објавување на резултатите, кој се посочува кај нас е предолг, се искуствата од пописите во 2011 година во Хрватска и во Србија. Имено, пописот во 2011 година, во Хрватска се одржа од 1 до 20 април, а првите прелиминарни резултати беа соопштени до 30 јуни, што значи за помалку од два месеца. Истата година, во периодот од 1 до 15 октомври, попис се одржа и во Србија, а прелиминарните резултати беа објавени на 15 ноември, дури и пократко од еден месец по завршувањето на пописот.
Сега, со рокот од шест месеци за објавување на податоците, кои се компјутерски генерирани и кои може релативно брзо да се сублимираат, ДЗС повторно им дава аргументи на противниците на пописот, кои постојано обвинуваа дека некој намерно манипулира со бројките од најголемата статистичка операција во земјава. Ако на ова се додадат и постојаните хакерски напади за време на пописот, тогаш заговарачите против пописот ќе продолжат со негативната кампања.

Во прилог на сето ова оди и самата политичка атмосфера што се креираше во пресрет на пописот, бидејќи политичките референци го презедоа тежиштето над оние податоци што се важни за економското преструктурирање на земјата, за прецизирање на економските показатели, но и за брзо подготвување сериозни развојни програми што државата може да почне да ги применува уште од почетокот на идната година.
Вака останува резултатите да се чекаат шест месеци, со голема веројатност и тој рок да биде пробиен, со оглед на фактот дека некои од граѓаните останаа непопишани.
Долгиот рок за објава на резултатите е збунувачки и затоа што податоците се внесуваа електронски, а самиот софтвер како што секојдневно ја исфрлаше бројката за вкупно попишани, несомнено има опција да ги сублимира бројките и според категории, дали станува збор за етничка припадност, вработени -невработени, верска определба, дијаспора и слично. Нешто слично како и за време на изборите, кога првичните бројки и резултатите се објавуваат мошне брзо, дури и веќе наредниот ден.
Впрочем, софтверските решенија овозможуваат на секои избори, парламентарни, претседателски или локални, првичните прелиминарни резултати веднаш да се објавуваат, уште истата вечер, а конечните за ден-два. Ако изборните процеси не се од толкав обем како пописот, сепак искуствата и од Србија и од Хрватска покажуваат дека објавата на првичните резултати може да биде најмногу за два месеца, а на конечните резултати за не повеќе од четири месеца.
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика и добар познавач на пописните состојби Дончо Герасимовски се согласува дека рокот за објавување на првичните резултати од шест месеци е долг, но не ја исклучува можноста резултатите да бидат соопштени и порано.

– Според Законот за попис, резултатите треба да се објават најдоцна за шест месеци, но тоа не значи дека нема да се објават и порано. Сега треба да се проверат сите собрани податоци, да се споредат и да се излезе со чисти и веродостојни бројки, во кои никој нема да се посомнева. Секако, ако рокот на објавување на податоците од пописот е предолг, тоа може да го искористат противниците на статистичката операција и да обвинуваат дека некој манипулира со процесот. Тоа не е исклучено – вели Герасимовски.
Тој изрази надеж дека, сепак, резултатите ќе бидат објавени до крајот на годината, за да може од почетокот на годината да почнат навреме да се прават програмите за развој и плановите за работа во 2022 година.
– Ако објавиш податок во февруари, март или април, не можеш да креираш политики за таа година, бидејќи тоа подразбира ребаланс на буџетот. Не можеме постојано да го правиме тоа – истакна Герасимовски, притоа додавајќи дека е задоволен што конечно по 20 години е направен попис.

Актуелниот прв човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, вели дека шесте месеци за објавување на резултатите се во рамките на законот.
– Тоа е законски рок што ние можеби ќе го скратиме ако успееме да ги завршиме сите операции и би биле многу среќни да биде така. Шест месеци се краен рок, дотогаш мора да излеземе со резултати – истакнува Симовски.
Според него, кратките рокови со објавувањето прелиминарни резултати во Хрватска и во Србија се затоа што не станува збор за конечни резултати и тоа, според него, е погрешен пристап.
– Во денешни услови да се даваат прелиминарни резултати е погрешно, бидејќи тие подоцна ќе претрпат измени, па ќе има прашања зошто се тие измени и слично. Ние одевме на тоа колку сме опфатиле со пописот и на крајот ќе дадеме конечен резултат – рече Симовски, повторувајќи уште еднаш дека ќе ги направат сите напори тој рок да биде пократок од шест месеци.