Фото: Игор Бансколиев

Поранешниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере, предлага формирање независно неутрално тело претставувано од високиот претставник на ЕУ или од специјалниот претставник за Западен Балкан, или некоја друга висока институција или личност што ќе посредува како трета страна во однос на спорот со Бугарија, но и секогаш кога ќе се појават такви спорови. Македонија во минатото многупати се изгоре од слични вакви медијаторства и посредувања. Според историчарите, формирањето на некое политичко тело, па дури и да биде наречено неутрално и да биде од ЕУ, ќе претставува јалова работа за одржување привид дека се прави нешто додека не се прави ништо

Иако бугарските политичари со редовна динамика на уценувачки изјави го одржуваат „жарот на ветото“ за Македонија на патот кон ЕУ, на македонската страна се чини ѝ е јасно дека во овој период до парламентарните избори во Бугарија (на 4 април) не може да биде постигнат некаков напредок во какви било преговори. Веројатно затоа, премиерот Заев и министрите што се најмногу вклучени во овие преговори велат дека унапредувањето на односите со Бугарија во односниот период ќе биде насочено исклучиво кон спроведување на акцискиот план за исполнување на Договорот за добрососедство, кој повеќе е фокусиран на економски и инфраструктурни иницијативи.
Сепак, суштината на актуелниот бугарски спор со европски предзнак, јасно е дека е од историско-идентитетска природа на штета на Македонија за што, пак, бугарските политичари упорно инсистираат дека таквите нивни услови нема да се променат ниту по изборите кај нив, туку може само повеќе да се радикализираат. Во текот на целиот период на германското претседателство со Советот на ЕУ, кое се залагаше да го одржи на дневен ред концептот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, а во тој контекст и да започнат преговорите на Македонија за членство, остана впечатокот како преостанатите членки да немаат интерес да се вклучат и да се заинтересираат во „историзирањето“ на условите за земјите-кандидатки, што се обидува Бугарија да го наметне како нов принцип.

Со принципиелната реакција на Словачка и на Чешка, „историските услови“ на Бугарија (засега) не влегоа во заклучоците за проширување на Унијата. Но таквата реакција на двете земји-членки со поддршка и на Австрија, сепак не ја „покрива“ индиферентноста на остатокот од ЕУ за потопување на критериумите за пристапување.
– Тоа што се дозволи бугарското вето да ја блокира одлуката на Советот за почеток на пристапните преговори со С Македонија не е само уште една злоупотреба на правилото за едногласност од земја-членка туку и покажува целосен недостиг од разбирање во рамките на ЕУ за комплексноста на западнобалканската политика и големата тежина на историјата… Всушност, обидот во нацрт-заклучоците на Европскиот совет во декември да се вклучи бугарската компромисна формулација „погрешно толкување на историјата“ ја покажа очигледната подготвеност на ЕУ да го прифати едностраниот став на Бугарија против земја-кандидат. За среќа, реагираа и чешката и словачката влада; тие го отфрлија она што го сметаа за обид поимот „фалсификување на историјата“ да се вклучи во процесот на проширување.
Со обидот да ја вметне историјата во процесот на пристапување, бугарската влада не само што ги поткопува критериумите за пристап туку се чини дека го игнорира огромното искуство на ЕУ во над 70-те години надминување на минатото наследство и промовирање процес заснован на помирување и владеење на правото. Наместо да ги промовира вредностите на ЕУ за кои кога влегуваше во ЕУ во 2007 г. се изјасни дека ќе ги почитува, таа игра на националистичка карта диктирана од домашната агенда што потсетува на империјалната политика во 19 век. Според оваа логика, Ирска и Велика Британија никогаш немаше да станат членки на Европската заедница, како што беше позната тогаш во 1973 година.

Двете земји сè уште дебатираат за својата заедничка историја, но на неконфронтирачки начин и во заеднички институционални услови – пишува Ерван Фуере, поранешен претставник на ЕУ во Македонија, во својата анализа на причините и последиците од бугарското вето за Македонија.
Во контекст на (не)ангажираноста на европските дипломати и политичари во решавањето на билатералните спорови на Западен Балкан, Фуере смета дека препуштањето споровите директно да ги решат засегнатите земји нема да успее, особено ако некоја од нив е земја-членка на ЕУ.
– Доколку се дозволи ова последно назадување да остане неоспорено, тоа ќе се повтори во безброј други случаи кога, колку и да е болно, ќе се одвива процесот на пристапување за земјите од Западен Балкан. Регионот е преполн со спорови, без разлика дали станува збор за територија, права или дури и постоење на национални малцинства или за националноста на дадена историска личност. Што било од ова лесно може да стане причина за нестабилност или конфликт доколку не биде правилно канализирано – вели Фуере, кој истовремено укажува дека е потребен проактивен дипломатски ангажман од ЕУ-инстанците, без разлика дали тоа е високиот претставник на ЕУ или специјалниот претставник за Западен Балкан или некоја висока институција или личност. Тој смета дека треба да има независно неутрално тело што ќе посредува како трета страна секогаш кога ќе се појават такви спорови.

Ова посредување треба да се одвива паралелно, а не како предуслов за почеток на пристапните преговори. Покрај тоа, ЕУ треба да ги користи многуте инструменти со кои располага за унапредување на дијалогот, соработката меѓу историчарите и негувањето мрежи на граѓански организации што работат на унапредување на помирувањето. Ќе биде потребен посебен план приспособен на карактеристиките на регионот, смета Фуере, кој во минатото беше и амбасадор на ЕУ во Македонија.
Историчарката Наташа Котлар проценува дека појавата на иницијативи за неутрални тела на ЕУ (но сепак политички) за помош при решавање билатерални спорови во регионот на Западен Балкан, претставува само посредна акција за изведба на политички нешта, решавање политички проблеми поставени на историска содржина, што е научна категорија. Според неа, современите политички процеси не треба да бидат воопшто условувани со прашања од историската содржина.

– Се плашам дека формирањето на некое политичко тело, па дури и да биде наречено неутрално и да биде од ЕУ, ќе претставува јалова работа за одржување привид дека се прави нешто додека не се прави ништо. Воведувањето на атрибутот „заедничка историја“ во Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија претставува покритие за остварување на политичките ангажмани на Бугарија во однос на Македонија, но сѐ повеќе се покажува и дека можеби е некакво тестирање на политичка формулација за примена (ако се покаже успешна) и на други случаи. Зашто македонско-бугарскиот случај поврзан со историско-идентитетски спор воопшто не е ендемски случај во Европа. Опасноста што се покажува од ова „тестирање“ е дека може да одведе до проверка и на други национални истории на европските земји. Балканот секогаш е комплексно прашање во однос на Европа, не само историски туку и религиозно, и секое тестирање на некакво политичко решение може да предизвика последици што ќе се одразат и на ЕУ, колку и да се штити Унијата со игнорирање на постоењето на овој регион, особено на Македонија – вели историчарката Наташа Котлар.