Марија Цветкова, пратеничка од бугарскиот парламент од редовите на ВМРО-БНД, по преименувањето на празникот посветен на Св. Кирил и Методиј истакна дека на светот му е јасно дека кирилицата всушност е бугарска азбука, а дека Македонците и Бугарите се еден народ.

– Историската вистина беше обновена. На светот му стана јасно дека кирилицата е бугарска азбука. Со промена на словенското писмо со бугарско во името на празникот, ние му даваме тежина на бугарското писмо. Ние подаваме рака на Македонија, на нашите собраќа, зашто имаме заедничка историја. Две држави – еден народ – рече Марија Цветкова, пратеничка на ВМРО-БНД за време на гостувањето на бугарската телевизија „Европа“.

– Бугарија не ја сопре Македонија кон ЕУ. Бугарија во последните години направи сѐ што е возможно Македонија да стане членка на ЕУ. Потсетувам дека Бугарија прва ја призна Македонија пред 30 години. Ѝ ја призна независноста за да може Македонија да добие независност од Југославија. Бугарија направи сѐ што е можно и други држави да ја признаат. Ние подаваме рака на Македонија, на нашите собраќа, зашто имаме заедничка историја. Две држави – еден народ“, изјави Цветкова која во духот на европските вредности, ја потсети Македонија да си го „реформира образовниот систем“ –

– Тие треба да го реформираат образовниот систем – не може да пишува дека сме фашистички окупатори и татари. Треба да запре кражбата на бугарските историски личности, на лидерите и водачите на ВМРО – Гоце Делчев, Даме Груев, Тодор Александров. Тие кажале дека се Бугари, тоа го пишува во нивните лични документи – изјави Цветкова.