Фото: Игор Бансколиев

Најавата на новиот бугарски премиер Кирил Петков за нова шестмесечна рамка како некаква временска одредница за евентуално надминување на спорот и тргање на бугарската блокада го отвора и прашањето за штетата и последиците што ги трпи Македонија, и досега и отсега. Однесувањето на Бугарија кон Македонија е како да сме во студена војна. И тешко дека од таа војна Македонија ќе излезе неповредена. Но дали влегувањето во преговори по барањата и уцените од Бугарија е, всушност, и нова замка во која можеме да изгубиме сѐ доколку продолжиме со досегашните попустливи државни политики

СОФИЈА НАМЕТНУВА ПОДОЛГОРОЧНА СТУДЕНА ВОЈНА

Новиот бугарски премиер Кирил Петков на првиот ден од преземањето на премиерската позиција ги испорача условите до Македонија, со чие исполнување Софија е подготвена да стави крај на блокадата за почеток на нашите пристапни преговори со Европската Унија. Еден од услови од Софија е дека „во македонските учебници Бугарија не треба да биде нарекувана фашистичка“, изјави Петков, во интервјуто за „Фајненшл тајмс“. Петков најавува и спроведување „шестмесечна рамка за надминување на спорот со нов почеток во разговорите со Северна Македонија“.
„Ќе формираме работни групи за да најдеме решенија за прашањата од заедничката економска активност, инфраструктурата, културата и историјата“, вели тој.
Првата изјава на Петков, наедно е и сигналот до македонската јавност, со која динамика и темпо ќе се одвива процесот на евентуалното одмрзнување на бугарското вето кон Македонија. Иако со зголемен оптимизам се дочека новиот избор на бугарската влада, првите потези од „харвардската двојка“ Петков – Василев не ветуваат поповолна клима од Софија во однос на Македонија. Во таа насока, во домашната јавност сѐ погласни се коментарите околу тоа која и колкава е штетата што Македонија ја трпи поради бугарското вето. Дополнително најавата на новиот бугарски премиер за нова шестмесечна рамка за евентуално надминување на спорот уште повеќе може да ѝ нанесе штета на Македонија од секој аспект и во секој поглед.
Според многумина аналитичари, главните мотиви за ваквото однесување на официјална Софија не се ниту утврдување на „потеклото на цар Самуил, ни на Гоце Делчев“ ниту, пак, грижата за правата на бугарското малцинство во Македонија. Наметнувањето редица прашања во преговорите е само оправдание за да се продолжи бугарската офанзива за дестабилизација на Македонија. Овие напади дополнително беа засилени и со изјавите на бугарските политички претставници за одвојување на Албанија од процесот за преговорите со ЕУ.

– Ова се потези на класична непријателска земја. Бугарија не ни крие дека има територијални претензии кон Македонија и сè што не успеала со векови да реализира, сака да го оствари сега. И тоа како земја-членка на ЕУ. Дали претседателот им е армиски генерал или студент на „Харвард“, нам исто ни се фаќа, кога сите се повикуваат на националистичка декларација на бугарскиот парламент од 2019 г. дека македонски народ и македонски јазик не постојат. И тоа го прават при потпишан договор за добрососедство. И ако навистина е валидна последната анкета дека 70 проценти од Бугарите го оправдуваат ветото за Македонија, тогаш ние со соседиве сме во студена војна. И тешко е дека од таа војна Македонија ќе излезе неповредена – се само некои од коментарите во македонските медиуми.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека прашањето за тоа каква ќе биде штетата за Македонија зависи од тоа што сакаме да се постигне од овие преговори со Бугарија.
– Претходно со постигнувањето на договорот со Грција, ни беше ветено дека Македонија ќе ги почне преговорите со Европската Унија. Сега на потег е меѓународниот фактор да ги исполни дадените гаранции со потпишувањето на Преспанскиот договор. Мојот став е дека не треба да учествуваме во нови преговори, затоа што Бугарија смета дека може да нѐ уценува исто како и Грција. Преговарањето значи дека нешто мора да се отстапи. Но што е тоа што ние треба да отстапиме, кога станува збор за прашања што се однесуваат за секоја суверена држава. Можеме да изгубиме сѐ. Што треба да прифатиме дека немаме наша историја и дека јазикот ни е „бугарски“ – вели Божиновски.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во барањата и уцените од Бугарија гледа опасна замка и закана за целосно обезличување и уништување на Македонија.
– За разлика од Бугарија, каде што со векови нѐ игнорираат како народ, јазик, историја, култура… и постојано нѐ навредуваат и плукаат, во Македонија нема никаква омраза кон нив. Ако тоа во Бугарија не е говор на омраза кон Македонија, тогаш што е? И наместо ние од нив да бараме коректно однесување, та и извинување, тие го бараат тоа од нас?! Просто е неверојатно на какви срамни гранки ја доведовме меѓународната позиција на Македонија! Кога Софија зборува за говор на омраза, тие мислат на фактот што ние се дефинираме како Македонци, а не како „Бугари“. Нашето македонско национално чувство. Тоа најмногу ги иритира. Ништо друго. Затоа мора да се осуди нивниот говор на омраза кон Македонија, кој максимално се користи во последно време. Мора да се нагласи дека нема поголема омраза од нивното негирање на сѐ македонско – смета Никовски.
Тој укажува и на опасноста од прифаќање и потпишување каков било документ понуден од Бугарија од типот на спомнатиот „патоказ“ 5 + 1.
– Повеќе е од јасно дека Резолуција на македонското собрание, не дозволува со Бугарија да потпишеме каков било документ од типот на спомнатиот „патоказ“. Ако некој, сепак, се осмели да преземе таков чекор, нема да одговара само политички туку и кривично, бидејќи ги доведува во прашање фундаменталните интереси на македонскиот народ.
Единствен излез од ќор-сокакот во кој е доведена Македонија, е итно откажување на катастрофалниот договор за (не)пријателство, (не)добрососедство и (не)соработка. Ако не се направи тоа, Бугарија нема никогаш да дозволи да влеземе во ЕУ, повикувајќи се токму на наше неисполнување на договорот. Другата опција е да прифатиме дека сме „Бугари“ по род! Трето – нема! Мора да ни биде јасно дека ова прашање за Софија е – сега или никогаш, и затоа нема да попуштат! – смета Никовски.
Во меѓувреме, бугарскиот претседател Румен Радев, кој се смета и за политички ментор на новите млади политичари, кои извојуваа победа на последните парламентарни избори, неколкупати досега изјавува дека Бугарија не се откажува од своите барања и тврдења за Македонија, кои и натаму претставуваат услов за отстранување на ветото.

Од друга страна, правдољубивата меѓународна јавност и редица влијателни медиуми изминативе денови со висока доза огорченост и критика пишуваат за бугарските барања и уцени кон Македонија.
– Фалсификувањето на историјата досега не е критериум за приклучување во ЕУ. Но се чини дека Бугарите сакаат да го направат да биде критериум – заклучува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), истакнувајќи дека Македонија не може да се согласи на таквата состојба поради самото почитување на вредностите во ЕУ.