„Анализите“ на некои квазиинтелектуалци, како овој пат на Мехмети, а во неколку наврати и на Малески, наместо да помагаат во градењето доверба и поддршка на позитивните демократски процеси за соработка во регионот засновани на вистината и фактите, тие со своите фабрикувани и тенденциозни ставови, форсирање стереотипи и анахронизми, всушност, ги потхрануваат деструктивните хегемонистички, па и шовинистички предрасуди, кои се сосема спротивни на идејата и целта на евроинтеграциите, за кои декларативно се залагаат и се стремат сите држави на Балканот

Албанските и бугарските центри на моќ ја штитат Македонија од српскиот хегемонизам?!

Во заднината на македонско-бугарскиот политички спор, произлезен од блокадата на македонските евроинтеграции, се создава амбиент погоден за оживување, па и надградување на повеќе стереотипи и предрасуди, кои на своевиден начин се неизбежна компонента на политичкиот фолклор во сите земји од балканскиот регион. Една таква стереотипна перцепција, свежо реанимирана од еден албански „интелектуалец“ од Македонија, се однесува на влијанието на „српскиот ум“ во создавањето на македонската држава.

Тешки навреди за Македонија и македонската држава и сеење на семето на раздорот

Имено, во едно свое неодамнешно интервју, Ким Мехмети пишува дека Македонија и Македонците сè уште се робови на српските политички перцепции што се темелат на тоа дека само Албанците и Бугарите се штетни за нивната држава. Во Македонија, „длабоката држава“ не е македонска, туку тоа е – Србија. Македонија сѐ уште е политичка „филијала“ на Белград. На Балканот успешно се спроведува само руско-српски проект. Државните институции во Македонија се во служба на владејачките партии, а не на граѓаните. Партиите станале како трговски друштва. И Албанците и Македонците имаат чувство за етничка припадност, но не и за државна припадност… И конечно – Македонија скапува одвнатре!
– За жал, како што одамна тврдам, од политички аспект гледано, Македонија и Македонците сè уште се робови на српската политичка памет, која се темели на тоа дека само Албанците и Бугарите ја ризикуваат државата. И се разбира, ако тие останат робови на овој ум, тогаш нормално е тоа да не му дозволите на немакедонецот да развие чувство за државна припадност – вели во еден дел од интервјуто Ким Мехмети.

Потхранување на деструктивните хегемонистички и шовинистички предрасуди

„Анализите“ на некои квазиинтелектуалци, како овој пат на Мехмети, а во неколку наврати и на Малески, наместо да помагаат во градење доверба и поддршка на позитивните демократски процеси за соработка во регионот засновани на вистината и фактите, тие со своите фабрикувани и тенденциозни ставови, форсирање стереотипи и анахронизми, всушност, ги потхрануваат деструктивните хегемонистички, па и шовинистички предрасуди, кои се сосема спротивни на идејата и целта на евроинтеграциите, за кои декларативно се залагаат и се стремат сите држави на Балканот.
– Стереотипите не се случајни и не се спонтано создадени. Тие се креираат во политички центри за спроведување одредени политички интереси и цели. Оваа теза за влијанието на српската политика како опасност за регионот, а во тој контекст и за нејзината доминација во Македонија, е креирана од поодамна и во големоалбанските и големобугарските политички центри. Овој историски миг, кога за Македонија постојано се поставуваат нови предизвици за нејзините евроинтеграции, се покажа како погоден за создавање непринципиелно антимакедонско сојузништво на големоалбанската и големобугарската пропаганда. Намерно се форсираат некои стереотипни опасности (како некои наводни подземни дејства на УДБА, која не постои 30 години), иако немаат никаква основа во реалноста – вели историчарот Александар Литовски.
Универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески вели дека со креирањето на стереотипите се посегнува и граба колективната меморија на еден народ.
– Кога ќе почне да се чепка по колективната меморија на народот, се отвора осилникот од кој излетува рој предрасуди. А во колективната меморија, еднакво „легитимни“ се и искуството, но и предрасудите. Поигрувањето со искуството и предрасудите од колективната меморија на еден народ ги активира, т.е. ги провоцира истите процеси во колективната меморија на друг народ. Таквите меѓусебни провокации секако не одат во прилог на разбирање, зближување, заедничко чекорење кон иста цел. Еден народ треба да има голема внатрешна енергија за себепрепознавање, да ги издржи и да се справи со стереотипите создадени за негово негирање. Но и таквиот однос на другите народи, со креирањето и форсирањето неосновани стереотипи за еден народ, влегува во колективната меморија на тој народ, што се надградува во тој конкретен историски миг. А таква меморија, исполнета со искуства за негација, опструкции, територијални претензии, национални аспирации… не создава погоден терен за градење доверба во еден современ и иден цивилизациски контекст – смета професорот Илија Ацески.
Затоа, ваквите провокации и навреди треба да се регистрираат, препознаат и јавно осудат. Со ваквите провокации со умисла се долева „масло на оганот“ и се разгорува меѓусебната етничка нетрпеливост, која токму на овие балкански простори е формулата за омраза и меѓусебни крвави пресметки. Зарем во таква функција се ставени овие самонаречени „слободни умови и интелектуалци“?