Македонија ќе испорача уште повеќе аргументи до Европската комисија и до сите земји членки на ЕУ за одложената позитивна одлука да дојде колку што е можно побргу за да биде исправена грешката од самитот во октомври, рече премиерот Зоран Заев на средбата со новиот еврокомесар за проширување, Оливер Верхелји, остварена на маргините на самитот на Централноевропската иницијатива, што се одржа во Рим.

Заев на средбата ја изрази благодарноста на Владата и на македонскиот народ за поддршката што доаѓа од Европската комисија во континуитет, како и лично од новиот комесар Верхелји.

Еврокомесарот Верхелји, од своја страна, истакна дека Европската комисија силно го поддржува отворањето на преговорите со Македонија и дека со земјите членки на ЕУ се работи на усогласување на ставовите за евентуални промени во методологијата и процесот на проширување, кои ќе овозможат брза позитивна одлука за Македонија.

Тој порача дека најавите оти Македонија останува посветена да испорачува резултати во демократските реформи се од големо значење и го истакна очекувањето за поддршка од сите политички фактори, вклучувајќи ја и опозицијата, во донесувањето на законот за Јавното обвинителство.