Не се преговара за нов договор со Бугарија, туку се бараат формулации за преговарачката рамка со ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека се водат тајни преговори со Бугарија. Тој уште еднаш нагласи дека не се преговара за македонскиот идентитет и јазик.

– Ние немаме преговори, ниту пак правиме нов договор со Бугарија, се бараат формулации за делот на преговарачката рамка што ја носи Европскиот совет. Значи одлуката е таму, не се одлучува нешто во Бугарија или во Северна Македонија – истакна Заев одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на првиот дел од експресниот пат Штип-Радовиш.

Премиерот посочи дека во европските институции билатерално помеѓу двете земји се разговара за португалскиот предлог и оти првичните реакции од бугарска страна не се негативни.

Заев одговори и дека Македонија не ја прифаќа декларацијата на бугарското Собрание, повторувајќи дека португалскиот предлог води грижа за двете страни.