Почна реконструкцијата на патеките во вториот дел на Градскиот парк, а на настанот присуствуаше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов според кого тој дел бил долго време запуштен.

– Започнуваме голема реконструкција на патеките во таканаречениот нов дел од паркот. Градскиот парк е формиран некаде 1930 година, а овој дел е изграден во 1970 година, и од тогаш ние немаме сериозна интервенција во овој дел од паркот. Како што и самите добро знаеме станува збор за сериозно руинирани и сериозно девастирани патеки што веќе стануваат и критични за безбедноста на граѓаните – посочи Шилргов.

Градоначалникот нагласи дека се работи за инвестиција во вредност од 20 милиони денари, а очекувањата се дека површината од 20 илјади квадратни метри, ќе биде готова во наредните 35 до 40 дена.

– Така, овој дел од паркот ќе добие целосно нов изглед имајќи предвид дека со овие активности е предвидена и целосна замена на канделабрите, поставување на нови клупи и канти за џебен отпад за кои сме сведоци дека недостигаат, така што од средината на јули овој дел од паркот ќе има целосно нов лик – рече Шилегов.