Наместо вештачки да ја одржуваат илузијата за пристап во Унијата, Европејците треба да ја кажат вистината, за да не продолжат да ги разочаруваат овие луѓе и со тоа сукцесивно да го дестабилизираат регионот

Германскиот весник „Велт“ со остра критика до ЕУ

И на последниот самит на државите на ЕУ и шесте држави од Западен Балкан, како и секогаш, сè беше исто – се спореше за тоа дали овие држави би можеле да сметаат на „европска перспектива“ или „ветување за понатамошно проширување“. Иако, за разлика од другите години, овој пат земјите од Западен Балкан добија уште едно неодредено ветување и многу топли зборови. „Држете се до курсот, не откажувајте се, продолжете така. Целта ни е пред очи“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, додавајќи: „Ние сме европско семејство“.

„Велт“: Европејците сериозно го утнаа проширувањето на ЕУ со Западен Балкан

Авторот на текстот во угледниот германски весник „Велт“ отворено и без ракавици го поставува прашањето: Кој одредува што спаѓа во европското семејство – географијата, историјата или политичките калкулации?“
За потсетување е самитот во Солун од 2003 година, кога ЕУ даде еуфорични ветувања за проширувањето! Оттогаш досега се водат макотрпни преговори со Србија и Црна Гора, а Албанија и Македонија „копнеат да ги започнат преговорите“.
„Косово, кое е признаено само од 22 од вкупно 27-те членки на ЕУ, како и Босна и Херцеговина, земја што сè повеќе е подривана од една држава во држава – Република Српска, под доминантно руско влијание – веќе долго време сонуваат за кандидатски статус“, пишува „Велт“.
„Она што е сигурно е дека Европејците сериозно го утнаа проширувањето на ЕУ со Западен Балкан“, оценува германскиот весник, но додава дека за тоа не е виновен само Брисел туку и земјите-кандидати.

Погрешните чекори на Унијата во однос на Западен Балкан

Во текстот се поставува и прашањето за тоа кои биле погрешните чекори на Унијата во однос на Западен Балкан. „Покрај ветувањето за проширување, тука е и технократското воспоставување на т.н. Договор за стабилизација и асоцијација, чија цел беше поцврсто поврзување на овој регион со Европа. Во него е понудена комплетната програма на бриселската бирократија: годишен самит, Совет за асоцијација, Комитет за асоцијација, Парламентарна комисија и форуми на граѓанското општество. Така би требало да изгледаат совршените членки според т.н. Копенхашки критериуми, кои се држат до демократските принципи, институционално се утврдени и економски потполно развиени“, пишува „Велт“ и истовремено нагласува дека на територијата на Западен Балкан е инвестирано навистина малку.
Во однос на проблемот на шесте балкански држави, весникот ја цитира директорката на истражувачкото одделение на берлинската Фондација за наука и политика, Барбара Липерт: „Овие земји се заглавени во маѓепсан круг на лошо управување и економска и социјална беда“.
Текстот наведува дека е срамота што ЕУ им се додворува на актери како српскиот претседател Вучиќ, кој ја фали Кина, одржува воени маневри со Русија, склучува економски договор со Евроазиската унија (во која доминира Москва) и остро постапува со опозицијата во својата држава.

Формирање регионален пазар, потпирање врз Унијата

Наедно, во написот се истакнува дека јазот меѓу одредени балкански држави и понатаму е длабок, дека постои голема недоверба, а подготвеноста за соработка е одвај просечна. „Многу е важно овие шест земји конечно да формираат регионален пазар, наместо за сите свои проблеми да се потпираат врз Унијата“.
Конечно, весникот „Велт“ заклучува: „Проширувањето на ЕУ глобално мора да запре! Мора да им дојде крај на европските лаги упатени кон Западен Балкан. Наместо вештачки да ја одржуваат илузијата за пристап во Унијата, Европејците треба да ја кажат вистината, за да не продолжат да ги разочаруваат овие луѓе и со тоа сукцесивно да го дестабилизираат регионот. Пораката мора да биде јасна и да гласи: Нема да има полноправно членство“.
Во случајот со Западен Балкан, трошоците за интеграција би биле премногу високи, така што би довеле до борба за распределбата на средства во рамките на Унијата, продолжувајќи ја на тој начин ерозијата на веќе и онака кревката европска творба. Земјите од Западен Балкан, пак, мора да развијат силна волја за реформи и помирување, наместо да се занимаваат со илузијата за нивното идно пристапување кон ЕУ, заклучува „Велт“, со забелешка дека е „многу важно регионот и понатаму да се поддржува со износи што се мерат во милијарди евра“.
„Најавените 30 милијарди евра за наредните седум години претставуваат чекор во вистинската насока. Постои опасност Кина, Русија и Турција да се рашират низ регионот на Западен Балкан, но таа е сепак маргинална. На Русија ѝ недостигаат пари, а искуствата што овие земји ги имаат со Кина се разочарувачки“, заклучува новинарот на „Велт“.