Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вратата на НАТО е отворена, членството е на дофат. За неколку седмици имате референдум за договорот за името. Вашата иднина е во ваши раце, додека ние ве чекаме во НАТО. Ова е прилика која се јавува еднаш во животот – да станете членка на меѓународната заедница со сите придобивки кои тоа ги носи со себе.

Ова го порача генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера во Скопје на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Договорот од Преспа го отвора патот на Македонија до членството во НАТО и ЕУ, му порача американскиот претседател Доналд Трамп во писмо до својот македонски колега Ѓорѓе Иванов, по повод Денот на независноста-8 Септември.

– Македонија има многу причини годинава да биде горда. Историскиот Договор од Преспа го решава долгогодишниот спор за името со Грција и го отвара патот на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ. Договорот и членството на Македонија во НАТО ќе ги зајакнат безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион. САД се подготвени да ја поддржат Македонија, особно во претстојните разговори за Вашето членство во НАТО. Им посакувам се најдобро на македонските граѓани на овој посебен ден, напиша Трамп во честитката, објавена вчера од Американската амбасада во Скопје.

Премиерот Заев, на средбата со Столтенберг, рече дека НАТО и ЕУ се стратешка определба на Македонија од тоа нема отстапување и истакна дека е убеден оти референдумот ќе биде успешен и ќе се постигне потребниот цензус.

– Како се доближува денот 30 септември, историски ден за Македонија, се повеќе немам причини да размислувам „што ако“. Нема „што ако“.  Јас сум убеден дека референдумот ќе успее, оти огромно мнозинство ќе гласа „за“ и дека цензусот ќе биде видливо надминат и за тоа веќе немам дилема, рече Заев.

Уште еднаш повика сите во Македонија да застанат заедно за исполнување на стратешкиет интереси на земјата.

Првиот човек на Алијансата вчера се сретна и со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, со претседателот на Парламентот Талат Џафери, со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.