ВМРО-ДПМНЕ продолжува со протест и утре пред Регулаторната комисија со почеток во 14 часот.

Како што најави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, еден час со автомобили ќе ги блокираат раскрсницата и пристапните улици пред Регулаторната комисија.

– Протестот ќе почне пред „Палома бјанка“. Овој протест е насочен кон Владата и мафијата. Поскапата струја значи посиромашен народ – изјави Јанушев.
Тој на прес-конференција истакна дека бизнисменот Силјан Мицески јавно кажал оти бил финансиер на СДСМ, а тоа никаде го нема во финансискиот извештај на владејачката партија.

– Ова е договор за коп на јаглен со РЕК „Битола“ вреден 6 милиони и 250 илјади евра. Значи, финансиерот на СДСМ, кој сам си кажува дека ги финансирал, а притоа никаде го нема тоа во извештајот на партијата, си добил работа од 6 милиони и 250 илјади евра од РЕК „Битола“ за ископ на јаглен. Поскапувањето на струјата значи бизнис за СДСМ. Мафијата си продолжува со профит. Мафијата продолжува со бизниси – рече Јанушев.