Руските комичари Вован и Лекус нападнаа повторно, со што целта на нивната несолена шега овој пат беше канадскиот премиер Џастин Трудо, кој верувал дека разговара телефонски со активистката за климатски промени Грета Тунберг, слично како и македонскиот премиер Зоран Заев претходно.
Меѓу претходните цели на руското дуо беше токму Заев, на кого тие му се претставиле како поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, и како генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во текот на нивните телефонски разговори водени минатата година. Згора тие објавија и телефонски разговор на Заев со лажната Грета Тунберг и со нејзиниот татко кој е снимен минатата година. Во него се слуша како лажната Грета го наведува Заев да зборува за Доналд Трамп и за Емануел Макрон, за спорот со името и бара од него да затвори еден од двата аеородроми поради загадувањето, со што Заев се согласува. Потоа советникот на Заев, Марјан Забрчанец, соопшти дека разоткриле хибриден напад врз кабинетот на премиерот, при што бил злоупотребен идентитетот на младата екоактивистка Грета Тунберг.
Во интервју за српскиот весник „Политика“, руските комичари своевремено кажаа дека не очекувале оти шегата со Заев ќе биде толкава сензација во Македонија, како и дека освен македонскиот премиер, досега не успеале да лажат некој друг функционер цела година. Тие разговрарале и со Емануел Макрон, Реџеп Таип Ердоган, Јункер, Хуан Гваидо, Мило Ѓукановиќ, Рамуш Харадинај, Борис Џонсон, Федерика Могерини…