Токму дејноста на светите Климент и Наум Охридски и историската улога на Охридската книжевна школа се втемелени во континуитетот на македонскиот културно-историски идентитет и ја насочуваат изворноста на современата (словенска) македонска духовна и писмена традиција

И годинава ќе се одбележи 8 Декември како Ден на Свети Климент, но многу малку ќе се каже дека од неговата школа во Охрид излегле и првите лекари и првите писатели, првите филозофи, но и првите големи духовници.
Велат дека само македонската генерација по секои 100 наредни години од големи јубилеи ќе ја има истата привилегија, да се чувствува славно во светоста на Свети Климент Охридски, но на таа вистина треба секоја година да ѝ се додава нова вредност.
Професорот Илија Велев од Институтот за македонска литература, по повод 1.100 години од смртта на Свети Климент Охридски, напиша книга посветена на овој просветител, од која извадоци беа објавувани во „Нова Македонија“.
Во неа напишал дека зацврстувањето на словенската цивилизациска свест на општествената, духовната и културната сцена во Македонија при дејноста на свети Климент и Наум во Охридската книжевна школа го продлабочило чувството за издвојување од феноменот на византискиот христијански свет и за спуштање на историската завеса пред меморијата за домицилното класичномакедонско (или античко) културно-историско искуство.
– Токму дејноста на светите Климент и Наум Охридски и историската улога на Охридската книжевна школа се втемелени во континуитетот на македонскиот културно-историски идентитет и ја насочуваат изворноста на современата (словенска) македонска духовна и писмена традиција. Оттука, и во нашата современа цивилизациска свест длабоко е наталожено чувството дека како Македонци сме словенски народ, со словенска писмена и културна традиција – објаснува професорот Велев.

Словенското дело е трета христијанска цивилизација

Според него, Свети Климент Охридски е најистакнатиот Кирилометодиев ученик и следбеник, а заедно со Свети Наум Охридски бил продолжувач на сесловенската богослужба, писменост и просветителство, но и останал во културно-историската меморија како основач на Охридската духовна и книжевна школа.
– Ако кирилометодиевското рамноапостолско и сесловенско дело ја афирмирале третата христијанска цивилизација и култура во Европа – словенската, тогаш продолжувањето на нивните изворни идеи од страна на светите Климент и Наум Охридски назад кон изворите, во Македонија го означило историското проникнување на словенската цивилизациска свест во македонската современа духовна и културна традиција. Следствено, без улогите на Свети Климент и на формираната Охридска духовна и книжевна школа, последователниот цивилизациски тек ќе бил принуден да се пролонгира и да почека нови историски околности во некои идни времиња за афирмација на словенската цивилизација и култура – објаснува Велев.

Низ школата на Свети Климент поминале 3.500 ученици

Сепак, професорот вели дека нужно е да се истакне втемелувањето на историска улога на Охридската духовна и книжевна школа, кое се случило уште во првите седум години од враќањето на Св. Климент од Моравија во Македонија (885/886 – 893).
– Неговата просветителска активност во Кутмичевица резултирала со подготвување за свештеничка, учителска или за книжевна дејност на околу 3.500 ученици. Во која и да е мера бројчено надраснат ваквиот податок од легендарно-култните извори, сепак на овој начин се засведочува активната просветителска дејност на Св. Климент при воспоставувањето на темелите на Охридската книжевна школа. Натаму, со доаѓањето и на Св. Наум во Кутмичевица и во Охрид кај својот соученик и духовен собрат во 893 година, заедно ја воспоставиле традицијата на оваа духовна и книжевна школа, којашто во палеославистиката се смета како своевиден Светиклиментов универзитет. Се создале поволни услови да се организира црковниот живот, да се градат нови христијански храмови, да се омасовува монашкиот живот, да израснуваат книжевни и скрипторски центри – објаснува професорот.

Континуитет на идентитетот

Според него, така веќе воспоставената Светиклиментова традиција во Македонија почнала да манифестира сопствено словенско себепрепознавање и себеидентификување.
– Тоа значи дека токму дејноста на светите Климент и Наум Охридски и историската улога на Охридската книжевна школа се втемелени во континуитетот на македонскиот културно-историски идентитет и ја насочуваат изворноста на современата (словенска) македонска духовна и писмена традиција. Оттука и во нашата современа цивилизациска свест длабоко е наталожено чувството дека како Македонци сме словенски народ, со словенска писмена и културна традиција – додава Велев.

Дел од моштите во Плаошник

Најголемиот дел од моштите на Свети Климент Охридски се чуваат во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид. Остатоците од черепот се чуваат во манастирот „Свети Јоан Продром“ кај Бер, денешна Верија, Грција. Во Софија, пак, има парче од моштите со големина на нокт.
Моштите и денес се таму, а на Климентовите празници, кои кај народот се познати како летен и зимски Свети Климент, се отворени и поставени за поклонение и молитва во централниот дел на храмот.


Државен празник од 2007 г.

Од 2007 година Денот на Свети Климент Охридски се празнува како државен празник. Тоа значи дека веќе 14 години се чествува споменот за овој просветител. По тој повод, литургии ќе се одржуваат во сите храмови низ земјата.