Соочени со внатрепартиските престројувања, во ВМРО-ДПМНЕ одлучија, наместо досегашните десет пратенички групи (за кои веќе не ги исполнуваат деловничките услови за функционирање), да дејствуваат како една пратеничка група, а Извршниот комитет на партијата го назначи Никола Мицевски за нов координатор на пратеничката група
Динамиката на случувањата во ВМРО-ДПМНЕ, по гласањето во Собранието за пристапување кон измени во Уставот, за имплементација на спогодбата од Мала Преспа, го тестира аналитичкиот капацитет на политиколозите, кои се трудат да предвидат како внатрешните превирања во најголемата опозициска партија ќе се одразат на севкупниот политички амбиент во Македонија, кој со месеци е под висок напон. Состојбите се докомплицираа и по јавно изречените претпоставки и сомневања за дејствување на некакви виши сили врз партијата.
Така, пред почетокот на седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот министер и член на ИК на партијата, Трајко Славески, изјави дека речиси сите што одеднаш почнале да поднесуваат оставки, редовно присуствувале на сите активности и состаноци во ВМРО-ДПМНЕ, не покажувале незадоволство и немале забелешки.
– Најверојатно станува збор за некоја виша сила, која стои зад овие нивни одлуки – рече Трајко Славевски пред почетокот на седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, по исклучувањето од партијата на осумтемина пратеници што гласаа за започнување на уставните измени, спротивно на ставот на партијата, но и на некои поранешни високи партиски функционери, се надоврза бранот на оставки на претседателите и извршните одбори на униите (Унија на жени и Унија на млади сили), своевидни партиски секции. Одлуките за исклучување на поранешните високи функционери во партијата, како бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, и бившиот министер Никола Тодоров, беа донесени поради процена во партијата дека вршеле притисок врз осумтемина пратеници што во Собранието го поддржаа предлогот на Владата за уставни измени. Ваквата одлука за исклучување од партијата, како и некои одлуки за разрешување од партиските функции (Митко Јанчев разрешен од функцијата потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ), предизвика и серија отворени писма или јавни обраќања до партијата и до лидерот Христијан Мицкоски, кои за некои аналитичари претставуваа доказ за длабокиот раскол во партијата, додека други ги толкуваа како расчистување со баластот и хипотеките од минатото.
Во меѓувреме, осумтемина „одметнати“ пратеници и официјално во Собранието започнаа да дејствуваат како независна пратеничка група и му доставија на премиерот барање од неколку точки како предлог да бидат вградени во амандманите што треба да се вметнат во Уставот… Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, од 51 пратеник на почетокот на мандатот, веќе е сведена на 39 пратеници, меѓу кои се и неколкумина што поднесоа оставки на функциите во партиските тела. Соочени со внатрепартиските престројувања, во ВМРО-ДПМНЕ одлучија, наместо досегашните десет пратенички групи (за кои веќе не ги исполнуваат деловничките услови за функционирање), да дејствуваат како една пратеничка група, а Извршниот комитет на партијата го назначи Никола Мицевски за нов координатор на пратеничката група.
– Имаме намера да се консолидираме и да се фокусираме на дејствувањето на пратеничката група во Собранието. Чест ми е што ќе бидам нов координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, а уште повеќе што сум предложен и со поддршка од поранешните координатори Драган Данев и Илија Димовски. На координацијата на пратеничката група, која ја одржавме во средата, на 31 октомври, одлучивме пратениците да продолжат активно да дејствуваат во работата на Собранието и да продолжиме со обезличување на политиките на СДСМ – вели Никола Мицевски, новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до ставот и компактноста на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на понатамошниот процес во Собранието за имплементација на спогодбата од Мала Преспа во Уставот на Р Македонија, Никола Мицевски вели дека продолжуваат со максимални активности во согласност со „партиските акти изгласани на валандовскиот и кумановскиот конгрес и изборната програма на која членовите, активистите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија дадоа поддршка за неменување на Уставот за промена на уставното име. Тие определби и натаму остануваат основен приоритет во натамошното дејствување на пратеничката група“.
Во меѓувреме следниот предизвик и тест за компактноста на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се амандманите на Уставот за имплементација на спогодбата од Мала Преспа, кои Владата треба да ги достави денеска во Собранието. Дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе изнесат свои предлози во расправата за амандманите што претстои во Собранието?
– Ние сѐ уште ги немаме видено амандманите, исто како и целата македонска јавност. Кога ќе бидат доставени во Собранието, односно кога ќе ги добиеме како собраниски материјали, секако ќе имаме координација на пратеничката група, на која ќе одлучиме за нашите понатамошни дејствувања – вели Никола Мицевски.
Сепак, во јавноста не престануваат шпекулациите дека внатрепартиските превирања се одразуваат во работата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и дека и понатаму ќе се случува нејзино осипување. Таквите шпекулации се аргументираат со фактот дека некои од функционерите што дадоа оставка на позициите во партиските тела, истовремено се и пратеници. Навистина, тие изјавуваат дека и понатаму продолжуваат да бидат дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе дејствуваат во согласност со ставот на партијата и нема да ги поддржат уставните измени, но по искуството со осумтемина „пребегнати“ пратеници, јасно е дека јавните изјави не значат и гаранции.
– Во ситуација кога се менува името на државата, а јавноста максимално се занимава со внатрешните процеси во ВМРО-ДПМНЕ, сѐ личи на дефокусирање на вниманието од главниот проблем. Оставките на функционерите во партијата се природен процес. ВМРО-ДПМНЕ е граѓанска организација и секој може да членува или да истапи од неа, доколку (не) се пронаоѓа во нејзините програмски заложби – вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Остануваат во партијата, а не се согласуваат со нејзините политики?!
Пратеничката Благица Ласовска ќе ја менува Даниела Рангелова на челото на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, до изборот на нов претседател, а Јован Јаулески ќе застане на чело на Унијата на млади сили. Извршниот комитет на партијата, во средата, на 31 октомври, одлучил да ги назначи Ласовска и Јаулески на овие функции откако Даниела Рангелова и Лука Кржалоски поднесоа оставки.
Рангелова во објавата на нејзината оставка пишува дека не може да биде дел од раководство што ја однело партијата во изолација, и покрај предлогот на нивниот претседател Мицкоски да остане докрај на мандатот
– Јас не можам да прифатам да бидам дел од расипани токсични игри водени од амбицијата да се нахранат неколку суети. Да имаш амбиција е позитивно, но да бидеш подготвен да газиш преку живи луѓе само за да ги задоволиш сопственото его и желбата за моќ е неприфатливо – напиша Рангелова на Фејсбук, објавувајќи ја оставката.
Оставка поднесоа и генералната секретарка Лилјана Затуровска и потпретседателката на жените на ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката Лилјана Кузмановска. Кузмановска вели дека по оставката на претседателката Рангелова, целиот Извршен комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ по автоматизам е во оставка. Сепак, велат дека тука не им завршуваат партиските активности. Со слично образложение, дека „партијата е во изолација“, својата оставка на чело на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ја аргументира и Лука Кржаловски.