Фото: Маја Јаневска-Илиева

Матичните лекари, кои речиси цела година откако почна пандемијата на ковид-19 гледаат и анализираат различни крвни слики на пациенти, забележуваат чудни ситуации. Некои од нив тврдат дека она што го гледаат ги наведува да заклучат дека кај болните од ковид-19 нешто како да ја труе крвта. Студиите покажале дека кај околу 25 отсто, па дури и до 70 отсто критично болни пациенти е потврден венски тромбоемболизам или белодробна емболија, а матичните лекари од крвните слики на потешките случаи заклучуваат дека нешто токсично го напаѓа организмот

АНАЛИЗАТА НА КРВНИТЕ СЛИКИ ОТКРИВА НОВ ФЕНОМЕН ВО ЕКОТ НА ПАНДЕМИЈАТА

Стравот од зараза и од последиците од ковид-19 го чувствуваат сите, па и оние што веќе ја прележале болеста. Она од што најмногу се плашат многумина е феноменот на згрутчување на крвта, односно страв од нарушување на системот на коагулација. Стравот е уште поголем бидејќи, според одредени лекарски наоди, многумина и починаа токму поради нарушен систем на коагулација. Коагулацијата на крвта претставува природен и заштитен механизам на организмот од искрвавување. Лекарите велат дека кога постои оштетување на ѕидот на крвните садови настанува слепување на крвните плочки (тромбоцити), фибрин и активација на многу механизми, чија крајна цел е да е настане чеп што ќе го запре крвавењето. При патолошки состојби, како оваа со ковид-19, може да настане прекумерно натрупување на тромбоцити и фибрин на внатрешната страна на крвниот сад, што доведува до нарушување во крвната циркулација, сè до нејзин прекин поради затнување на крвниот сад со тромб. Вакви тромби може да настанат насекаде, од најмалите до најголемите крвни садови, и да предизвикаат различен степен на оштетувања, па дури и смрт. Матичните лекари, пак, кои речиси цела година откако почна пандемијата гледаат и анализираат крвни слики на пациенти, забележуваат чудни ситуации. Некои од нив тврдат дека она што го гледаат ги наведува да заклучат дека кај болните од ковид-19 нешто како да ја труе крвта и велат дека сите крвни слики се чудни. Седиментацијата кај некои од пациентите е многу висока, а кај некои сепак покачена. Кај потешките случаи на ковид-19, велат дека има висока седиментација и високо ЦРП.

– Тоа што го гледаме во крвните слики ни дава еден вид насетување што покажува дека се случува некаков силен воспалителен процес во организмот. Но најчудно е кај оние тешки случаи на ковид-19 што имаат силно задушување, пад на железото под нормала, ако е од 7 до 29, пациентите имаат четворка железо. Ние не знаме што е тоа што предизвикува да падне хемоглобинот во крвта. Значи, кај сите има една линија што сигнализира дека нешто се случува, дека нешто прави депресија на коскената срцевина. Тука ми беше мене првиот аларм, немаат никакво крвавење, крвни подливи, жени што се во климакс немаат менструално крвавење, мажи што немаат никакви крвавења од никаде, индикативно е во крвната слика ЦРП е високо, седиментацијата е висока и ниски леукоцити, под нормалата, околу четири и нешто, значи не станува збор за бактерии. Ние сме гледале дали леукоцитите се покачени или лимфоцитите се покачени. Но овде немате покачени ни лимфоцити ни леукоцити. Ако е вирус, треба да има 70 или 80 лимфоцити во однос на тоа што сме лекувале со години. Но кај сите тие имаме високи Д-димери, од три до четири илјади. Така што сето ова, од нашите многугодишни работни искуства, нѐ наведува да се сомневаме дека се случува нешто што го напаѓа организмот и тоа е нешто токсично. Нешто прави интерваскуларни коагулации, нешто прави депресија на коскената срцевина. Она што го гледаме сите матични е исклучиво на потешките случаи од ковид-19. Ова е ретроспектива од последниве 365 дена. Се јавуваат страшни анемии кај добро ухранети мажи, кај добро ухранети жени. Како може на човек за една недела да му падне толку железо – вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, специјалистка по семејна медицина, претседателка на Здружението на приватни лекари.
Фактичката состојба покажала дека Д-димерите може да бидат зголемени и кај некои пациенти позитивни на ковид-19, а зголеменото ниво на Д-димери е ризик за формирање тромби, кои се потенцијална опасност за затнување на некој крвен сад. Според протоколите за лекување на заболените од коронавирусот во болнички услови, задолжително се определуваат при хоспитализацијата, заедно и со други тестови на крвта. Лекарите одредуваат каква терапија ќе прима еден пациент што има несоодветна концентрација на Д-димерите.

Сите хоспитализирани лица позитивни на ковид-19 примаат тромбопрофилакса со инјекции т.е. заштитна терапија за превенирање од тромбоза. Излекуваните, и по напуштање на болницата, во следните 45 дена продолжуваат со заштитна таблетарна терапија од тромбоза. Матичните лекари на некои од пациентите им пропишуваат аспирин, но некои со упат од специјалист користат и клексан. Процена на матичниот лекар или специјалистот е со што ќе го лекува позитивниот на ковид-19.
– Фибринот е крајниот продукт во процесот на засирување на крвта. Д-димерите се продукти што настануваат при разградување на фибринот. Концентрацијата на Д-димерите во организмот се утврдува со нивно определување во примерок крв. Во Институтот за трансфузиска медицина се изведува оваа крвна анализа и нормалните вредности изнесуваат 0-500 ngr/mL. При зголемени вредности на Д-димерите, потребно е да се направат дополнителни иследувања, затоа што тие не се специфичен тромботичен маркер. Различни патолошки состојби може да бидат причина за тоа, како на пример сепса, тумори, изгореници, компликации поврзани со бременост, големи оперативни зафати. Исто така можно е да се зголемат и при физиолошки состојби, како бременост, тежок физички напор, стареење – објаснува д-р Виолета Дејанова од Институтот за трансфузиска медицина.

Од специјалистичката дијагностичка лабораторија „Авицена“ тврдат дека ковид-19 е поврзан со невиден опсег на нарушувања поврзани со згрутчување на крвта кај заболени пациенти. Пациентите со ковид-19 се соочуваат со сериозни, а понекогаш и фатални абнормалности на згрутчување на крвта. Студиите покажале дека кај околу 25 отсто, па дури и до 70 отсто критично болни пациенти е потврден венски тромбоемболизам или белодробна емболија. Затоа од клучна важност е при рутинската лабораториска процена да се изврши и мерење на параметрите од системот за коагулација на крвта, како што се: крвна слика (број на тромбоцити), Д-димер, PT-протромбинско време, aPTT- активирано парцијално тромбопластинско време и друго.
– Многу е важно да се напомене дека различни лаборатории може да користат различни инструменти, технологии, референтни вредности и тестови за одредување на Д-димерите и затоа не треба да се врши споредување на резултатите од различни лаборатории и да се внимава во кои единици е изразена вредноста – посочуваат од „Авицена“.