Научниците се на вистинската трага да решат една од најголемите мистерии на коронавирусот – зошто некои луѓе развиваат лесни симптоми, а други се борат за живот
Мистеријата на коронавирусот речиси расветлена
Студиите направени на пациенти со коронавирус покажаа дека човечкиот имунолошки систем различно реагира на ковид-19 од вообичаено. Студијата, чии резултати се објавени во „Њујорк тајмс“, покажа дека имунолошкиот систем на некои пациенти реагира мошне невообичаено, така што кога одредени молекули и клетки не можат да се борат со вирусот, телото ги вклучува сите одбранбени механизми што му се на располагање. Таа „неконтролирана“ реакција може да ги оштети здравите ткива.
– Видовме некои многу чудни работи во различни фази од инфекцијата – истакна Акико Ивасаки, имунолог од универзитетот „Јејл“ и авторка на повеќе претходни студии.
Имунолошкиот систем реагира на други вообичаени вируси, како што е грипот, со тоа што директно го наоѓа натрапникот и го напаѓа, со што добива време за да реагира телото правилно. Овој прв одговор зависи од молекулите наречени цитокини, кои се формираат како одбрана од вирусот.
Овие микроаларми им даваат простор на антителата и на Т-клетките, чија цел се вирусот и клетките што ги нападнал.
Меѓутоа, овој метод се чини дека не успева кај лицата со ковид-19. Имено, цитокините во некои случаи не престануваат по првото предупредување да го алармираат организмот, дури и кога антителата и Т-клетките ја преземаат својата улога. Ова значи дека првичната реакција, односно воспалението како резултат на инфекција, не престанува дури и кога веќе не е потребна.
– Нормално е воспалението да се појави поради вирусна инфекција. Но проблемот е кога не може да се контролира – вели Кетрин Блис, виролог од универзитетот „Стенфорд“.
Коронавирусот го измамува имунолошкиот систем
Можеби поради таквата необична реакција кај некои пациенти, болеста трае подолго бидејќи вирусот е во состојба да го измами нашиот имунолошки одговор. Поради тој аларм, кој не запира, нашето тело реагира посилно и истовремено се напаѓа самото.
– Станува збор за енигма. Иако имате силен одговор на имунолошкиот систем, вирусот сепак се размножува – изјави Авер Огаст, имунолог од универзитетот „Корнел“.
Експертите исто така наведуваат дека е можно пациентите со полесна клиничка слика да реагираат така што телото се бори против вирусот што ги напаѓа клетките, но дека проблемот е кај потешките пациенти чие тело се однесува како да е нападнато од паразит. Имунолошкиот систем не може да го најде вистинскиот пат до вирусот и да го уништи. Таа забуна се пренесува на Б и Т-клетките, кои треба да соработуваат и да се борат со болеста. Иако сè уште е рано да се каже, но се чини дека коронавирусот спречува овие клетки да соработуваат во одбраната на организмот.
Ова е причината зошто експертите сега го споменуваат ресетирањето на имунолошкиот систем, односно терапија со која би се вратила рамнотежата во организмот за повторно да се поврзат Б и Т-клетките. Сепак, предизвикот за лекарите е да ја потиснат оваа несоодветна реакција на цитокините на почетокот на инфекцијата, но не и целосно да го потиснат одговорот на телото.
Покрај тоа, вистинскиот момент е исклучително важен. Ако пациентот прима лек што ја ублажува реакцијата на имунолошкиот систем премногу рано, тогаш одговорот нема да биде доволно силен. Ако лекот се земе предоцна, тогаш пациентот веќе може да претрпи голема штета.
„Дексаметазонот“ не е совршено, но е моќно одбранбено оружје
Досега третманите што ги блокираат цитокините поединечно не покажаа значајни резултати, веројатно затоа што научниците сè уште немаат доволно податоци. Од друга страна, стероидите како „дексаметазонот“ се моќно оружје затоа што можат да потиснат повеќе цитокини одеднаш. Експертите се согласни дека „дексаметазонот“ не е совршена терапија и велат дека има недостатоци, но досега се покажа добро кај потешко болни пациенти.
– Се чини дека е добра стратегија сè додека не добиеме повеќе информации – заклучи д-р Дона Фарбер, имунолог од универзитетот „Колумбија“.