Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, учествуваше на Четвртиот состанок на министрите за надворешни работи на Јадранската Трилатерала – Хрватска, Албанија и Црна Гора, кој се одржа во Задар.
Главни теми на состанокот беа проширувањето на Европската унија во пресрет на претседавањето на Хрватска со Советот на Европската унија во првата половина од 2020 година, соработката во рамките на НАТО, а беа разменети мислења и за актуелните прашања и предизвици во регионот.
На маргините на настанот, Жерновски оствари одделна билатерална средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.
– Очекуваме одлука за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и завршување на постапката на зачленувањето во НАТО за време на нашето претседателство со ЕУ – истакнал хрватскиот министер.
Жерновски потенцирал дека Северна Македонија како држава созрева преку својата битка.
– Ние ги насочуваме нашите напори кон иднината. Очекуваме позитивни вести за време на хрватското претседателство како валоризација на досега сработеното – порачал заменикот министер за надворешни работи.
Како што информираат од ресорното министерство, Жерновски остварил билатерални состаноци и со своите колеги од Албанија и Црна Гора.