На Централниот Комитет на Левица беше реизбран досегашниот состав на Президиумот. Една од најважните промени во Статутот на партијата е во делот на организациската структура, каде што е предвиден нов основен раководен орган – Претседател на партијата, како лице кое ја претставува и застапува партијата, избран од редовите на Президиумот. За прв претседател на партијата избран е Димитар Апасиев, правниот застапник на Левица.
-Одиме кон градење на хиерархиска централизирана партија со начело на демократски централизам, што е исто така новина за разлика од претходното фракционерско делување. Сметаме дека, поучени од искуствата кои ни се случуваа во сите овие години наназад, особено со т.н. пучеви и измислени внатрепартиски кризи, дека на овој начин ќе ја консолидираме партијата и дека на наредни избори Левица ќе стане парламентарна партија со сопствени сили, некоалицирајќи со никој од големите партии – изјави Апасиев.
На овој Пленум, освен членовите на Президиумот имаше обраќања и на дел од Делегатите, како и на претставници на поканети левичарски партии од Баскија, Каталонија, Турција, Србија и Австрија. Тие во своите говори ја изразија поддршката за новоизбраното раководство и политичката насока и програма кон која се стреми Левица.