Фото: Пиксабеј

Со организиран скрининг оваа година се опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немаат направено ПАП-тест

Министерството за здравство почнува со организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка. За закажување превентивен преглед, од денеска е достапна веб-платформата Скрининг.мк.

Според Министерството, веб платформата е директно поврзана со системот „Мој термин“ и матичниот гинеколог веднаш добива информација за пријавени пациентки, по што ги известува пациентките во кој термин е закажан прегледот.

Согласно распоредот предвиден во планот за ПАП-тестирање, матичниот гинеколог ги повикува жените, информирајќи за точниот датум и час кога треба да се направи ПАП- тестот.

Годинава се издвоени приближно 11 милиони денари за оваа потпрограма во рамки на Програмата за рана детекција на малигни заболувања.

-Во рамки на заложбите за заштита на женското здравје, токму на Меѓународниот ден на жената информираме дека почнуваме со организиран скрининг за рана детекција на рак на грло на матка – наведува Министерството за здравство.

Со организиран скрининг оваа година се опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немаат направено ПАП-тест. Прегледот во рамки на овој скрининг за оваа возрасна група е бесплатен.

„Мој термин“ во соработка со Националната комисија за рак на грло на матка изминатиот период интензивно работеше на оваа новина и за првпат на овој начин жените од предвидената група можат да се пријават да учествуваат во овој скрининг, а целта ни е да го зголемиме опфатот на жени кои ќе направат преглед, имајќи предвид дека раната детекција и превенција на ракот на грлото на матката е еднакво важна и во услови на пандемија.

Препорака на СЗО е жените вклучени во скринингот да се поделени во три возрасни групи: од 24-35, 36-45 и 46-61 година. Интервалот на спроведување на скринингот е три години, за да се опфатат сите овие возрасни групи.

-Ракот на грлото на матката е четврт најчест тип канцер кај жените во светски рамки, а во нашата држава во просек годишно заболуваат околу 150 жени од рак на грло на матка – потенцира Министерството.

Апликацијата за пријавување е достапна на овој ЛИНК.