Во Виена денеска, на 78-годишна возраст, ненадејно почина познатиот економист и политиколог Владимир Глигоров, син на Киро Глигоров, првиот претседател на Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.
Глигоров е роден во Белград каде ги завршил основните и магистерските студии, а докторирал во 1977 година на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк. Работел на Универзитетот во Белград, на Институтот за економски науки, а од 1994 година беше вработен на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, каде најмногу се занимавал со Западен Балкан, особено со Македонија, Србија и Црна Гора.
Во своите истражувања особено се занимаваше со долгорочниот раст на земјите во транзиција, макроекономските анализи и финансиските пазари.
Глигоров беше постојан соработник на „Oксфорд аналитика“, меѓународна консултантска фирма која обезбедува стратешка анализа на светските настани, пишуваше за „Вол стрит џурнал“ и имаше редовни колумни во неколку дневни весници и неделници во Југоисточна Европа.