Фото: Пиксабеј

Летен здравствен проблем што измачува сериозен дел од граѓаните

Зголемувањето на температурата предизвикува зголемување на нивото на кортизол, забрзано чукање на срцето, гадење и замор. Промените во мелатонинот може да влијаат на проблеми со спиењето, несоница, прекинат сон, кошмари и лош квалитет на спиењето, што доведува до помалку часови сон. Овие симптоми можат да бидат слични на напад на паника, што може да предизвика вознемиреност и страв

Во секојдневната пракса најчесто се спомнува зимската депресија како еден од честите проблеми со кои се соочуваат луѓето во текот на годината, меѓутоа анксиозно-депресивните растројства стануваат сѐ почести и во летниот период, кој се смета за весел, опуштен, еуфоричен, период кога слободата и динамиката доаѓаат до израз. Сезонските афективни нарушувањa се вид депресија што е поврзана со промена на сезоните, која започнува и завршува приближно во исто време секоја година, забележува психологот консултант Марија Миркуловска.
Таа вели дека високите температури имаат големо влијание во појавата на анксиозно–депресивна симптоматологија, која се манифестира со многу ниско ниво на енергија.
– Она што е многу важно да го знаеме е дека зголемувањето на температурата предизвикува зголемување на нивото на кортизол, забрзано чукање на срцето, гадење и замор. Промените во мелатонинот што се случуваат во текот на летото може да влијаат на проблеми со спиењето, несоница, прекинат сон, кошмари и лош квалитет на спиењето, што доведува до помалку часови сон. Овие симптоми можат да бидат слични на напад на паника, што може да предизвика вознемиреност и страв кај оној што доживува такви симптоми. Исто така, високата влажност може да предизвика симптоми на вртоглавица и дехидратација, а овие симптоми може да доведат до поинтензивно чувство на страв и вознемиреност. За луѓето со здравствена анксиозност, топлината може да биде знак дека се изложени на поголем ризик од топлотен удар, што дополнително може да ги доведе до напад на анксиозност и во некои случаи, до целосна изолација – вели Миркуловска.

Повеќето со вакви состојби ги избегнуваат сите активности што носат радост во текот на летото поради стравот од топлите денови.
– На пример, избегнуваат одење на море или базени, дружење во природа, повлекување од општеството и губење на чувството за активности, кои нудат задоволство, додека стравот зазема централно место во нивното расположение – појаснува Миркуловска.

Според искуствата и статистиките, Миркуловска потенцира дека анксиозно-депресивните растројства сѐ почесто ја погодуваат женската популација, во сооднос 4:1 во однос на машката популација, а возрасната граница има просек од 27 години.


СOВЕТИ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА И САМОКОНТРОЛА

1. Правилно дишење и вежби за релаксација
– Чувството дека нема доволно свеж воздух предизвикува забрзано дишење кај луѓето, поточно хипервентилација, што дополнително ја влошува анксиозноста, доведува до напнатост, па дури и до треперење на телото. Вежбите за бавно абдоминално дишење доведуваат до активирање на парасимпатичниот нервен систем и ги враќаат умот и телото во состојба на рамнотежа, со чувство на смиреност и задоволство – појаснува Миркуловска.

2. Соодветна хидратација на телото
– Доволното внесување вода е многу важно за адекватно да се хидрира телото, да се компензираат изгубените електролити преку потта и да се создаде чувство на освежување. Најдобро е да почнеме да пиеме вода веднаш наутро и да продолжиме во текот на денот со пиење околу два литра дневно, не дозволувајќи да чувствуваме жед. Треба да се избегнуваат кофеин, алкохол и газирани пијалаци, кои по својата структура се диуретици и можат само да ја зголемат дехидрацијата – додава Миркуловска

3. Разграничување на чувството на вознемиреност и жештината
– Сознавањето дека жештината ги зголемува симптомите на анксиозност може да помогне да се препознаат и да се следат симптомите и на тој начин да се намали стравот, бидејќи личноста станала свесна дека тоа ѝ ја зголемува вознемиреноста. Може да биде корисно за луѓето со здравствена анксиозност да се потсетат себеси дека не се нужно во опасност кога ќе искусат непријатни симптоми предизвикани од топлина. Наместо тоа, нивните тела едноставно реагираат нормално, потејќи се за природно да се оладат. Чувството на зголемено ниво на вознемиреност во топлината не значи дека човекот мора постојано да остане внатре и да ги избегнува топлината и сонцето. Најтоплите часови од денот се од 10 до 17 часот, но сепак утрата и вечерите се идеално време за дружење, шетање и други активности – препорачува Миркуловска.

4. Разговор со стручно лице
– Кога човек не може сам да се справи со чувството на вознемиреност, ако избегнува излегување надвор и ако тоа му пречи во секојдневното функционирање и квалитетот на животот, тогаш е потребно да побара стручна помош од психијатар – вели Миркуловска.