Ликот и наличјето на Европа: Европската куќа и соседството на Европската куќа - Фото: Менде Младеновски

Битолски контроверзии

И додека се дебатира за пренамената на средствата од ЕУ во висина од 400.000 евра за изградба на велосипедски патеки, никој, ни од власта ни од опозицијата, не зборува што ќе се случи со руинираниот објект „Парк“, кој не само што ја нагрдува сликата во строгиот центар на Битола туку е и место од каде што се шират неподносливи миризби и од каде што може лесно да се шират зарази. За иронијата да биде поголема, токму тој и таков објект, кој е под заштита како културно наследство, се наоѓа во непосредна близина на Куќата на Европа (проект „Јуроп хаус“), во која во изминатите години се реализираа над 1.700 настани и престојуваа над 72.000 учесници…

Неодамна евроамбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот Тони Коњановски, во присуство на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, во Офицерскиот дом ја отворија Европска куќа-Битола. Со отворањето на Европската куќа, Битола стана членка на семејството „Јуроп хаус“ во земјава, а Офицерскиот дом е најпрепознатливиот симбол на големото културно наследство.
– Очекувам во соработка со градоначалникот да ги оствариме сите планирани активности во рамките на програмата „Јуроп хаус“, во која во изминатите години реализиравме над 1.700 настани со 72.000 учесници. Европската куќа во Битола е место каде што младите луѓе ќе може да разговараат за прашања од нивни интерес, но и за други теми поврзани со европската иднина на земјата – истакна амбасадорот Гир.
Според вицепремиерот Фатмир Битиќи, Куќата на Европа е вратата и прозорецот на Битола за ЕУ.
– Во домот на Европа младите битолчани во наредните години ќе креираат важни мрежи за создавање партнерства со младите во ЕУ и затоа оваа нова куќа на Европа ќе биде отворена за младите, но и за уметниците и другите граѓани – истакна на свеченоста вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Отворањето на Европската куќа во Битола, според градоначалникот Тони Коњановски, значи поддршка на градот за реализација на европски проекти што ги иницира локалната самоуправа.
– Европската иднина на нашиот град можеме да ја изградиме само преку создавање подобри услови и нови можности во кои креативниот потенцијал на младите ќе продолжи да се развива, надградува и насочува кон реализација на нови идеи и проекти значајни за Битола. „Јуроп хаус“ очекувам да биде новиот дом од кој ќе произлезат многу дискусии и идеи што ќе гарантираат напредок за младите генерации – нагласи на отворањето на Куќата на Европа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Офицерскиот дом и пред отворањето на Куќата на Европа, а и потоа беше и сѐ уште е место каде што се случуваат безмалку сите културни и локални настани. Овој дом, кој претходно беше целосно запуштен, оставен на милост и немилост и понуден на продажба, сега е место каде што секој во Битола што слави нешто сака и настојува да го одбележи својот успех или настан во Офицерскиот дом, односно во Куќата на Европа.

И додека Офицерскиот дом блеска со сиот свој сјај, само на дваесетина метри од домот, на местото каде што порано во рамките на истиот комплекс работеше киното за војниците и подоцна ресторанот „Парк“, сведоци сме на грдата слика на Битола. Објектот „Парк“, кој со децении е затворен и оставен на забот на времето, сега е претворен во вистинска руина и депонија, седиште на бездомници, наркомани, кучиња скитници, алкохоличари… Од овој објект постојано се шират неподнослива миризба и реа.

За да се реши проблемот, во рамките на проектот за реконструкција на Офицерскиот дом беше подготвен и проект со европски пари да се реконструира и објектот „Парк“. Проектот требаше да се реализира во рамките на проектот за прекугранична соработка „Смарт фор ју ту“, а за таа намена беа издвоени над 400.000 евра.
Основата на проектот уште кога се аплицираше во 2019 година беше да се направи проектот „Парк“, бидејќи и тој е заштитен како споменик, и да се добие комплетна целина кај Офицерскиот дом во Битола, која би имала туристичка намена. Според проектот, требаше еден дел во „Парк“ да биде кафе-бар, друг дел да биде за продажба на сувенири и ракотворби и преостанатиот дел да биде информативен за туристите. Со реализацијата на проектот требаше да се збогати туристичката понуда на Битола.

Но деновиве локалната власт на Битола сосема неочекувано се откажа од реконструкцијата на објектот „Парк“ и овој проект е ставен ад акта. Причините се наводно поскапувањето на градежните материјали по ковид-кризата. Сега локалната самоуправа наместо реконструкција на објектот „Парк“, бара со парите на ЕУ да се изградат велосипедски патеки во општината Битола, на што новото мнозинство во Советот остро се спротивстави и побара да се симне таквата точка од дневен ред.
За таквата одлука на неформалното мнозинство во советот, од локалната самоуправа велат дека е уште еден обид новото мнозинство во советот да ги кочи инфраструктурните проекти во Битола.
– Во оваа пригода сакам да кажам дека првичната намена на овој проект беше реконструкцијата на објектот „Парк“, но поради инфлациите и состојбата со ковид-кризата, вредноста за реконструкција двојно се зголеми, што беше пречка за реализација на проектот и во рамките на ЕУ и кај општините партнери во проектот. Затоа се побараа соодветни решенија, кои беа понудени како замена за објектот „Парк“. Од наша страна беше предложено партерно уредување на Офицерскиот дом, кое веќе се реализира со општински средства, како и санација на постојните тротоари на улиците Васко Карангелевски и Партизанска, со поставување велосипедски патеки. Од страна на делегацијата на ЕУ беше избран проектот за санација на тротоарите и поставување велосипедски патеки. За таа цел беше потпишан анекс со делегацијата на Европската Унија – изјави градоначалникот Коњановски.

Со потпишувањето на анексот од страна на делегацијата на Европската Унија, во кој се дозволува пренамена на средствата од проектот за реконструкција на тротоарите, по што соодветно ќе се изведат и велосипедски патеки, Битола ќе добие велосипедски патеки во должина од над пет километри. Реконструкцијата ќе се изведе на веќе постојните тротоари, во ширина од три метри, без да се нарушува зелениот појас на улиците.
– За овој проект веќе е изработена техничка документација, како и основен сообраќаен проект за воведување велосипедски патеки во централното градско подрачје во Битола, со сите потребни одобренија. Да појаснам уште еднаш дека до ова решение се дојде со целосна усогласеност на сите партнери во проектот, како и на делегацијата на Европската Унија – појасни Коњановски.

Инаку, проектот „Смарт фор ју ту“ е кофинансиран од грантови од Програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија. Овој проект, кој првично беше потпишан во декември 2021 година, беше предмет на промени што беа договорени и финализирани дури во јули 2023 година.

Делегацијата на ЕУ, како договорен орган, го одобри барањето за воспоставување велосипедски патеки по темелно испитување на оправданоста за таквите измени на првичниот проект и во согласност со правилата и процедурите што ги регулираат таквите видови договори.

Дали парите наменети за реконструкција на објектот „Парк“, кој е дел од реконструкцијата на Офицерскиот дом, ќе се пренаменат за изградба на велосипедски патеки останува да се види, бидејќи на таквата пренамена засега остро се спротиставува опозицијата, која во моментот го има мнозинството во советот на Битола.

И додека се дебатира околу пренамената на средствата од ЕУ во висина од 400.000 евра за изградба на велосипедски патеки, никој, ни од власта ни од опозицијата, не зборува што ќе се случи со руинираниот објект „Парк“, кој не само што ја нагрдува сликата во строгиот центар на Битола туку е и место од каде што се шират неподносливи миризби и од каде што може лесно да се шират зарази.
За иронијата да биде поголема, токму тој и таков објект, кој е заштитен како културно наследство, се наоѓа во непосредна близина на Куќата на Европа.