Тројца од единаесетемина кандидати кои собираат потписи за претстојните претседателски избори, се блиску до бројката од 10 илјади потписи, а еден веќе е сигурен дека ќе оди во претседателската трка.
Според пресекот на Државната изборна комисија (ДИК), заклучно со 26 февруари, најмногу потписи има собрано Бујар Османи од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и тоа 10.528.
Следен на листата е кандидатот на ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, за кого досега се потпишале 8.400 граѓани.
До вчера за Арбен Таравари се потпишале 7.513 граѓани.
За претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, која е четврта по број на собрани потписи, заклучно со 26 февруари се потпишале вкупно 6.237 лица.
За кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, заклучно со вчеравечер, својот потпис го ставиле 4.718 граѓани.
Од преостанатите кандидати, Мерсиха Смаиловиќ собрала 696 потписи, а кандидатот Вело Марковски 682 потписи. Досега ниту еден потпис не собрал кандидатот Томе Николоски.