Шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави вечерва дека не треба да се создава притисок со рокови кај Заедничката историска комисија со Бугарија, туку целта е да се создаде процес на доверба за решавање на спорните прашања.
Османи, во гостувањето на ТВ Сител, исто така најави дека следниот состанок на експертско ниво со Бугарија, ќе се одржи на 23 февруари во Скопје.
– Тие состаноци алтернативно се менуваат. Во Софија имавме на состанок на политичко ниво, потоа имаше повторно на експертско ниво во Софија, деновиве очекуваме повторно да имаме разговори на највисоко политичко ниво, за потоа на 23т-и во Скопје ќе има разговори на експертско ниво – рече Османи.
На тој начин, според него, експертите обработуваат некоја тема, политичарите даваат свои политички погледи и насоки и така треба да ја имаме потребната слика минувајќи ги сите филтри, со цел ниту едно решение да не остане неанализирано како што треба.
– Имаме пристап што е малку поразличен од претходните, сега имаме работни групи, од кои четири се секторски, една е Историската комисија. Затоа честопати велам оти четири пати зборуваме за иднината, а еднаш за минатото и тоа кажува за новиот пристап што го внесовме во овој нов циклус. Денеска се одржа Работната група за култура, секоја седмица се одржува средба на работните групи, на кои се конкретизираат одредени проекти, како што беше авиолинијата Скопје-Софија. Тоа е брзо конкретизирање на тие работни групи со цел да се создаде амбиент и атмосфера, а паралелно разговараме за политичките прашања, односно за спорните прашања и тоа на две нивоа, и на политичко и на експертско ниво – истакна во одговор на прашањето за неговата изјава во неделата оти се уште нема напредок по клучните прашања.
Прашан дали може без финално решение на Комисијата за историски прашања да почнеме преговори со ЕУ, Османи вели дека таа Комисија е долгорочен процес и оти нејзина цел е да ја конзервира темата во неа, за општествата и политичарите да не дебатираат за историја и тие историски прашања, како што вели, да не ја контаминираат билатералната, секојдневна комуникација.
– Тоа е најважниот квалитет на таа Комисија и доколку тие успеат да ја задржат дебатата само кај нив, со тоа значително ќе ги растеретат општествата да соработуваат, а истовремено ќе има механизам каде ќе се надминат разликите бидејќи ние велиме, да, треба да се надминат тие разлики, но никој не очекува дека до одреден рок историската комисија ќе даде резултати – истакна Османи.
Според него, овој пристап не треба да создава притисок за рокови, но треба да создаде доверба кај двете страни дека сепак нема намерно кочење, нема намерно одложување, туку дека има еден нормален процес на научна дебата.