Фото: Нов АСНОМ

Делегација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, предводена од лидерот Васил Стерјовски учествуваше на чествувањето за Јане Сандански во Мелник, Бугарија.

– Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки. Чест и задоволство ми е што сум повторно со вас на денешното традиционално семакедонското одбележување на 108-годишнината од убиството на великанот на македонското револуционерно движење Јане Сандански  – рече на почетокот од обраќањето Стерјовски.

Ви носам, додаде, најсрдечни поздрави и поддршка од Македонците во Албанија за „вашата борба за национални и човекови права”.

– Вам од се срце ви се поклонувам што сте вистински Македонци, што се борите за вашите човекови права во Бугарија, што организирате вакви настани за да ја негувате и сочувате македонштината и за да не ги заборавиме синовите што се бореле и гинеле за Македонија – нагласи тој.

Додаде дека Јане Сандански, со „своето револуционерно дело и саможртвата што ја даде за слободата на Македонија, зазема значајно место во колективната меморија на Македонците”. Тој бил чувар на Гоцевите идеали и е најистакнатата национална фигура во Пиринскиот крај и загина како што живееше, како херој.

Според него, девизата на пиринскиот цар „Да живееш – значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот за совршенство” останува како порака за сите нас.

Неговата револуционерна борба за ослободување на Македонија, посочи Стерјовски, и неговата вера во слободата и правдата не поттикнува да продолжиме со нашата борба за слобода и национални права во државите каде што живееме.

– Од овде, од гордиот Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот јазик, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ. Од институциите на Република Македонија бараме да се грижат за Македонците во соседните земји како што сите држави на Балканот и Европска Унија се грижат за своите малцинства – порача Стерјовски.

Ја поздравуваме, кажа тој, неодамнешната средба меѓу македонскиот министер за правда со Стојко Стојков каде разговараа за „положбата на Македонците во Бугарија и не-имплементацијата на пресудите од Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија и се надеваме дека ваквите средби со институциите на Република Македонија ќе продолжат и во иднина”.

– Се залагаме за потпишување меѓудржавни договори на земјите во регионот за почитување на малцинствата на реципроцитетна основа, каде малцинствата ќе се гледаат како мост на соработка помеѓу државите. Нека е вечен споменот за Јане Сандански и нека се сеќаваме на неговата револуционерна борба, како на инспирација за нашите битки, и да продолжиме да се бориме за слобода и национални права. Вечна му слава на Пиринскиот Цар – рече во обраќањето Стерјовски.

Меѓу организациите што учествуваа во чествувањето за Јане Сандански беше и Нов АСНОМ.

– Го одбележуваме денот кога големиот борец Јане Сандански, до последниот час, не попушти пред притисоците да ја запре борбата за слободна Македонија, остана доследен на своите идеи и принципи според кои, само македонскиот народ треба да одлучува за својата иднина и судбина – се вели во соопштението од Нов АСНОМ.

Од Нов АСНОМ истакнаа и дека се обрзуваат да го следиме патот на Јане Сандански, да се борат против оспорувањето на македонскиот идентитет, за македонското прашање и македонската држава и за да се изборат за основните човекови права, како и за правото на самоопределување втемелено во повелбата на Обединетите Нации.

– Од патот што го трасира Јане не се откажуваме и ги повикуваме сите патриоти да ни се придружат во нашата борба, за да повторно бидеме победници – нагласуваат од Нов АСНОМ.