Фото: Илустрација

Две лица се однесени во болница за укажување помош, а сообраќајот беше во прекин, по тешка сообраќајка на автопатот Тетово-Гостивар. Несреќата беше кај клучката Камењане до наплатната станица Тетово.

Според МВР, повредените се сопатници во автомобил „опел астра“, управуван од 52-годишен гостиварец, што се судрил со „мерцедес“ управуван од 38-годишна скопјанка.

– Во несреќата, две лица-сопатници од возилото „опел астра“ се здобиле со повреди и веднаш се пренесени во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош.На местото на несреќата увид извршила екипа од СВР Тетово, а поради несреќата сообраќајот на овој потег беше во прекин до 16 часот и 15 минути и се пренасочуваше по други, околни патишта – велат од МВР.

А во сообраќајка на превојот Ѓавато загинала 57-годишна ресенчанка, објавува „Макфакс“ повикувајќи се на информации од МВР.

Според првичните информации, се судриле „мерцедес“ и друг автомобил по што бил блокиран патот Ресен-Битола. Од силината на ударот, „мерцедесот“ не е во возна состојба и со влечна служба се трга од патот.

Во несреќата се повредени уште две лица, од кои едното е сопатник на починатата, а второто е возачот на возило кое учествувало во сообраќајката.

Загинатата жена со иницијали И.А. управувала возило „сеат“ кое се судрило со „мерцедес“, управуван од 52-годишниот возач С.Ј. Таа починала на лице место.

– Смртта ја констатирал доктор од Итна медицинска помош. Сопатникот на возилото „сеат“ и возачот на „мерцедес“ се здобиле со лесни телесни повреди – велат од МВР за „Макфакс“.

Увидот го извршила увидната екипа на СВР Битола. Местото каде се случи несреќата е оградено со конуси, а полиција го регулира сообраќајот.