Фото: Пиксабеј/Илустрација

На релација Тел Авив – Скопје

Согласно одлуката донесена од страна на Владата, организиран е авионски превоз со чартер лет, на релација Тел Авив – Скопје, заради евакуација на сите државјани на Македонија кои сакаат да го напуштат Израел, и кои побарале да се вратат во Македонија, информираат попладнево од владината прес-служба.

Во услови на целосно откажани летови и блокиран авиотранспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Ер Србија“ за транспорт на граѓаните кои побарале помош. Авионскиот превоз кој ќе биде организиран во текот на утрешниот ден, ќе биде бесплатен за граѓаните кои побарале помош, и ќе биде покриен од резервите на Буџетот на Македонија, се посочува во соопштението.

Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво – Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Македонија.

– Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија. Амбасадата и Министерството за надворешни работи остануваат отворени за сите прашања врзани со оваа проблематика – се наведува во соопштението од Владата.

Премиерот Ковачевски претходно на Фејсбук најави дека е обезбеден бесплатен лет од Тел Авив до Скопје за евакуација на македонските државјани кои во моментов се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Македонија.

-Тие веќе утре треба да се на безбедно и во своите домови – напиша Ковачевски.

Во услови на откажани летови и целосно блокиран авио транспорт со Израел, навистина беше предизвик да се организира овој лет, посочува тој.

– На моја иницијатива и во разговор со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, нашите граѓани ќе ги вратиме дома со авион на „Ер Србија“. Благодарност до неа и до сите вклучени во процесот, добрососедството и овој пат се покажа на дело. Нашата отворена и директна комуникација за сите прашања е секогаш во насока на изнаоѓање решенија, што конкретно се потврди и овој пат. Посакувам мирен лет и што поскоро враќање дома – пишува Ковачевски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес-конференција информира дека од Израел досега се вратени 60 македонски државјани, од вкупно 150 кои побарале помош. Најави дека преостанатите 90 ќе бидат евакуирани во текот на утрешниот ден.