На факултетите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, со организирање на први академски часови, денеска симболично беше означен почетокот на студиската 2022/2023 година и посакано добредојде на новата генерација студенти.
Првиот академски час на УКИМ беше одбележан во саботата на Машинскиот факултет и, по пауза од две години поради ковид-пандемијата, се одржа со физичко присуство.
Бруцошите ги поздрави ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, со порака дека е чест, но и голема обврска да се студира на најстариот, најдобриот и најголемиот универзитет во нашата држава.
– Затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење… Ви посакувам низ студирањето да ве следат истрајноста, знаењето и желбата за ваш личен напредок и развој. Работете вредно, посветете им се максимално на студиите, соработувајте со вашите професори, соработувајте и меѓусебно, посветете се на вашата утрешнина, истакна Јанкуловски.
Според најавата на УКИМ, беше предвидено ректорот денеска, по повод првиот академски час, да ги посети Медицинскиот факултет, Филолошкиот, Економскиот и Архитектонскиот факултет.
На Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по повод првиот академски час, на бруцошите денеска им се обрати претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
– Драги студенти, светот, регионот и нашата држава забрзано се менуваат. Во некои период имаме успеси, во некои периоди се соочуваме со голем број на предизвици и кризи како сегашната во која се соочуваме–најголемата економска, безбедносна и енергетска криза во последните децении. Ако не можеме самостојно да избираме кога и каде ќе се родиме, тогаш сигурно можеме да влијаеме како и на кој начин ќе учиме, ќе работиме и како ќе живееме за да ја менуваме сегашноста и да ја подготвуваме иднината за да ја исполниме целта на секој човек – да живееме во демократска, отворена, економски развиена држава во која секој граѓанин рамноправно има своја шанса да се докаже и успее, да живее во стабилна, мултикултурна и мултиетничка држава во која владее ред и поредок и тоа е вашата, нашата заедничка потреба, обврска и цел за нашата држава – им порача Ковачевски на идните студенти на Економскиот факултет.
Премиерот истакна дека иако сме мала држава со мала економија, тоа не смее да претставува проблем, напротив, треба да биде шанса да се креира внатрешен човечки капитал, систем на вредности и способности да се направи фактор на развој.
Факултетот за безбедност во Скопје дел од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола денеска одбележа 45. години од формирањето и првиот академски час за оваа учебна година.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски честитајќи го јубилејот истакна дека безбедноста е наука што динамично се развива и дека треба да ги следни модерните предизвици.
– После 45 години Факултет за безбедност продолжува со несмален интензитет и стремеж да го потврдува она што со години наназад успешно го фундираше и го надградуваше своето научно-стручно реноме односно своето место во образовниот систем – рече Спасовски.
– Стартуваше академската 2022-2023 година на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип. Во дворот на Економскиот факултет на околу 1.400 бруцоши им се обрати ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски. Порача дека универзитетите постојат за младите, за развој, оформување и унапредување на нивниот потенцијал.
-Сепак, во потполност сме свесни дека пред вас, но и пред целото општество стојат бројни предизвици. Времето во коешто живееме е неизвесно, но токму најнеизвесните моменти се оние кои не учат како да ги надминуваме сопствените граници; токму тогаш треба да бидеме најупорни,најиздржиливи и посветени на нашите цели, рече Мираковски.
Годинава на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ освен студенти од земјава, има и наплив на студенти од странство, кои избираат да се запишат на програмите на англиски јазик, но и да студираат на македонски јазик.
Формиран во 1949 година со три факултети, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денес е заедница од 23 факултети, пет научни институти и четири јавни научни установи, како и придружни членки.
Со Конкурсот за упис на додипломски студии во учебната 2022/2023 година, на Скопскиот универзитет беа слободни 10.918 места: 5.306 за редовни студенти финансирани од буџетот кои плаќаат годишна партиципација од 200 евра. За редовни студенти кои ќе плаќаат школарина од 400 евра беа наменети 4522 места и 1090 места за вонредни студенти.