Лого/ МД Илинден - Тирана

Mакедонското друштво „Илинден“- Тирана ги додели годинашните награди и благодарници „Илинден” по повод петнаесетгодишнината од основањето и плодната работа на македонското друштво во Албанија, со одлука на управните органи и претседателот на „Илинден – Тирана“, Никола Ѓурѓај.

Благодарниците и наградата се доделуваат за особени заслуги за ангажман и перманентните активности во насока на зачувување и одржување на македонскиот идентитет на припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија. Така и оваа година беа предложени повеќе кандидати за добивање на благодарница „Илинден” и награда „Илинден”. Беа избрани добитници кои со својот ангажман придонеле за подобрување и дисперзија на сознанијата за животот, историјата, културата и зачувување на автентичната македонска традиција на македонското население во Албанија. Благодарницата и наградата „Илинден” ги доделува и врачува лично претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана.

Наградата „Илинден” годинава се доделува на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, додека истоимената благодарница им се доделува на Јован Шкмби – советник на Македонска алијанса за европска интеграција во Советот на Општина Поградец и претставник во Советот на Округот Корча, д-р Весна Мојсова-Чепишевска – редовна професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, м-р Иван Антоновски – асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, Живко Лазаров – претседател на македонскиот клуб „Илинден” – Лацен во Германија, Дејан Костески – претседател на ракометниот клуб Енхалон од Струга и на Далибор Станковиќ – новинар во „Нова Македонија“.

Претседателот на Mакедонско друштво „Илинден“ – Тирана Никола Ѓурѓај им ги честита наградата и благодарниците на добитниците за 2024 година, со надеж дека истите ќе послужат како поттик за натамошен ангажнман на наградените во нивната досегашна определба да работат во интерес на вистината за животот и ангажманите на Македонците во Албанија.