Маргаритa Цаца Николовска / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вечерва изјави дека „нема предмет за корупција кој е завршен“. Таа во гостување на ТВ24 рече дека е оптимист и смета оти „некој однадвор во дадена ситуација ќе има можност одредени прашања подалеку да ги разгледува, а со тоа и да ги детектиреа состојбите“.

– Состојбите со корупцијата не ни се непознаница кај нас, сите зборуваат за тоа, вклучувајќи ја и американската амбасадорка која отворено кажа дека има корупција и дека таа мора да се санкционира. Ако сите ние тврдиме дека ја има или перцепција дека ја има и резултат на тоа е недовербата во судството. Жално е и се надевам дека овој тим ќе успее на некој начин да влезе подлабоко од националните тимови. Нема предмет за корупција кој е завршен – рече Николовска.

Денеска американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, објави дека „Вашингтон испраќа тим во Македонија за поагресивен поглед на корумпирани учесници и сегашни и минати“, а изминатите денови и таа и нејзината германска колешка, како и амбасадорот на ЕУ во Скопје нагласија дека за борба со корупцијата и за реформи во судството и обвинителството се дадени многу пари, а нема задоволителни резултати.