Превработеноста не е главниот проблем во јавниот сектор, изјави денеска министерот за јавна администрација, Горан Минчев. Според него, клучниот проблем е недоволната компетентност, недоволната стручност, непрофесионализмот и незнаењето поради кое не може да се даваат квалитетни услуги на граѓаните.
Министерот вели дека е потребна внатрешна преедукација во секоја јавна институција, односно обука на јавните службеници.
– Тоа е резултат на партиски вработувања 30 години наназад, на непотизмот, на етничките вработувања во смисла на злоупотреба на балансерот. Тоа сакаме да го смениме – рече Минчев.
Сепак, додаде Минчев, некомпетентните ќе останат на работа, но ќе се изврши прераспределување. Тој смета дека секој вработен кој во моментот извршува работна задача, а не ја извршува соодветно, согласно неговото образование треба да каже сам кој е неговиот афинитет, во кој сектор се гледа и каков може да биде неговиот придонес.
Минчев рече дека не може да каже дали ова би имало финансиски импликации за државата, затоа што во Министерството за јавна администрација постои сектор за обука и едукација, кој би требало да се трансформира со создавањето на Академијата за стручно усовршување на административните службеници.