Фото: МИА

Наташа Габер-Демјановска е реизбрана за директор на Академијата за судии и јавни обвинители. Габер-Демјановска беше избрана со осум гласа за и еден воздржан на денешната седница на Управниот одбор на Академијата.

Во трка за директор на Академијата беа уште тројца кандидати, судиите Ненад Савески, кој доби три гласа за, пет против и еден воздржан и судијата Андреј Димовски за кого имаше девет гласа против. За судијката Емилија Шопар-Јованова не се гласаше, поради не исполнување на условите.

Ова е втор четиригодишен мандат на Габер-Дамјановска. Таа е поранешна уставна судијка и директорка на Институтот за социолошки и политички правни истражувања, а за директор на Академијата прв пат беше избрана во ноември 2018 година.

Согласно Законот за Академијата за судии и јавни обвинители директорката Наташа Габер својата функција ја извршуваше до 30 ноември 2022 година, а Управниот одбор на Академијата, кој ден претходно ја одржа конститутивната седница го назначи Зоран Герасимовски член на УО за вршител на должноста директор на АСЈО, кој пак пет дена подоцна си даде неотповиклива оставката од лични причини.

Управниот одбор на 188 седница на 5 декември донесе одлука со која за в.д. директор на Академијата го именува Бесир Алиу, член на Управниот одбор на Академијата и јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Тетово.