Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва најави дека на 10-ти или на 17-ти октомври ќе биде конституиран и ќе почне да работи Економско-социјалниот совет.

– Тие два датума ги гледавме со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, кога да го одржиме тој Совет – рече вечерва Мицкоски во емисијата „100 дена Влада“ на МРТ.

Во однос на забелешките на Сојузот на синдикати на Македонија и на Организацијата на работодавачи на Македонија дека не е свикан ЕСС во првите 100 дена од работата на Владата и дека ништо не е направено, Мицкоски рече дека Сојузот на синдикатите на Македонија е една од ретките институции кои се политички инструирани, тврдејќи дека претседателот на Сојузот е избран на сомнителен начин.

– Тие дури не почекаа ни стотина дена, а веднаш почнаа да ја напаѓаат Владата. Не почекаа ни десет дена. Тогаш претседателот на Сојузот на синдикати, кој на сомнителен начин е претседател, почна да ја напаѓа новата Влада. Единствената негова порака беше да нападне со цел да обезбеди повисоки плати, без притоа воопшто да има каков било параметар на располагање и заедно да разговараме. Без притоа воопшто да побара средба или да оствариме каков било дијалог – додаде Мицкоски.

Тој напомена дека оние кои што побарале средба, таа беше реализирана. Потенцираше дека разговараат со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), но и со другите синдикати кои побарале дијалог.

– Тие што побараа, како што е Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) беа кај нас, разговаравме и процесот тече. Исто така, голем дел од синдикатите кои што се обратија до соодветниот министер, имаа дијалог и дел од барањата веќе се усогласени. Мислам дека многу скоро од денеска, дел од синдикатите, заедно со Владата ќе излеземе со една конечна позиција и ќе постигнеме договор. Жалам што таков начин е избран претседателот на Сојуз на синдикатите, тој на сомнителен начин е претседател, но тоа е нивен избор и јас тука не можам да судам – додаде Мицкоски.

Што се однесува до работодавачите, Мицкоски рече дека тој континуирано разговараат со стопанските комори.