Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека најостро ги осудува вчерашните написи „Македонија е Бугарија“, кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците за време на заседанието по првата точка во бугарското Народното собрание, но и усно пренесени од говорницата за време на истата седница.
– Таквите пораки се противни на европските демократски вредности, но и противни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот – наведува МНР.
Во соопштението се посочува дека земјава очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.
– Министерството за надворешни работи на Северна Македонија врачи соодветна вербална нота со оваа содржина до бугарското Министерство за надворешни работи – се додава во соопштението.