Единството врз кое се градеше Крушевскиот манифест денес сѐ помалку го имаме, а е идеал за кој вреди секоја борба денес и затоа борбата мора да трае. Суштината не се политичките барања што може да се измислат, туку напорот да се подобри животот на граѓаните. Затоа нема да водам разговор на теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања, и ги повикувам сите партии, субјекти и лидери ајде да зборуваме за она што е вистински важно, а тоа е економија, образование и иновации кои носат иднина, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешното чествување на големиот празник 2 Август Денот на Републиката – Илинден.
Тој нагласи дека имаме долг, кон историјата, но и пред себе, како луѓе да покажеме достојна почит и со сериозно достоинство и поклон да се однесуваме кон делото и херојството на Илинденците од 1903-та.
– Треба секој од нас овде, и насекаде низ светот, да знае дека хероите беа скромни и пркосни луѓе кои со своите животи ја плаќаа слободата која денес ја имаме и живееме. Секое парче земја по која денес се движиме е натопено со крвта на илинденците, со маката и жртвата на илјадници пред тоа, што само дава одговор дека нашата борба има континуитет, таа траела и опстојувала, дека хероите се сите оние кои на свои плеќи со своја жртва ја плаќаа скапата цена на слободата која имаме денес. Но, мора да се признае и почитува визионерството на таа илинденска генерација херои – рече Мицкоски.
Во тоа време во Европа, додаде тој, монархиите го имаат главниот замав и полниот сјај, а овде среде лутиот Балкан, во поробената Македонија, во малото и славно Крушево се раѓа Републиката чии темели се потпираат врз идејата за демократија, народно владеење и целосно почитување на човековите права. Со што само се потврдува визионерството на хероите, но и фактот дека секогаш во кодот на нашиот народ била почита на народната волја, колективните права и достоинството на поединецот. Многу сум горд на мојот народ што никогаш не посегнавме по туѓо, никогаш не посакавме нешто што не е наше, и секогаш дававме почит без исклучок кон сите останати.
– Овде од овие шуми и падини не се сведочи само за громогласното ехо на комитите кои во овие часови пред точно 121 година, извикуваа УРА за Слободна Македонија, туку и за нивната посветеност и неспорна грижа за својот народ и огромната жртва која ја дадоа. Како и неспорното дело на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација ВМРО која беше мајката на македонската борба за слобода. И кога некој ќе се обиде да збори за нашето слободарско дело како земја или ќе праша каде се хероите или ќе говори за слобода или посега по нејзе нека се потсети на фактот што дел од луѓето на четите на славните војводи Никола Карев и Питу Гули беа и со ненавршени 19, и 20 години, со огромна енергија и жар ги положуваа животите водени со мисла, идеја, верба и надеж за слобода каква имаме денес и иднина за која се бориме и денес. Тие го даваа најскапото. За нашата иднина! Нивната храброст, нивната непокорливост и нивната жртва се неповратно вткаени во нашиот колективен македонски идентитет. Со Крушевската република тие ни оставија наследство на борба и надеж – наследство кое денес гордо го носиме и го чуваме како најголема светост – подвлече Мицкоски
Денес, додаде, додека ја чествуваме оваа величенствена историја се потсетуваме на зборовите на нашиот голем револуционер Гоце Делчев кој рекол „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех!
– Јас сакам револуција со кадарни граѓани подготвени да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба…“. Овие зборови се ехото на нашиот слоган „Борбата трае“, потсетувајќи нѐ дека борбата за слобода, правда и за подобра иднина бара истрајност, храброст и единство. Илинден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина. Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес – потенцира Мицкоски.
Во време на глобални предизвици, нагласи тој, нашата борба за зачувување на националниот идентитет и суверенитет е посилна од било кога, а Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата слобода.
– Борбата не е завршена! Борбата продолжува! Борбата ја водиме со секој наш изговорен збор, во секоја наша направена акција, со секоја наша мечта за подобра иднина. Ова е борбата на нашата генерација со која оставаме трага низ времето, цврсто верувајќи во нејзината исправност и големина. Борбата продолжува, илинденците и партизаните со оружје во рака за слобода, ние со ум, визија и енергија за иднина каква заслужува секој еден човек. И оваа борба, немаме опција да ја загубиме, и само заедно, во големо единство и со голема посветеност ќе ја добиеме – нагласи Мицкоски.
Она што загрижува, посочи тој е што постојат елементи и субјекти во општеството кои во континуитет поставуваат барања кои создаваат конфликти и го напаѓаат единството.
– Она што ме загрижува доколку се погледне големата слика е што постојат елементи и субјекти во општеството кои континуирано на маса ставаат барања кои создаваат конфликти и го напаѓаат единството. Во таа смисла неодминливо е чувството дека не сите субјекти и политички чинители подеднакво посветени на нашата татковина, односно во наративите тие секогаш ќе ја почитуваат, но со делата кои ги ставаат на маса тие го прават токму спротивното. Затоа претходно ви говорев за единството врз кое се градеше Крушевскиот манифест кое денес се помалку го имаме, а е идеал за кој вреди секоја борба денес и затоа борбата мора да трае. И ова е политичкиот фолклор, иако во самата суштина мотивите за ваквото однесување кон татковината се еднакви на тоа како да е туѓа, а тие истите се наоѓаат во лични интереси и лукративни цели за жал кои се уште се присутни – рече Мицкоски.
Според него, суштината не се политичките барања што може да се измислат, туку напорот да се подобри животот на граѓаните.
– Смислуваат барања за да дојдат до власт која за нив значи привилегии, пари, трговски центри, империи, згради, имоти, удопства стекнати на грбот на народот. И тука сето тоа го плаќаат заедно и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Ромите и Бошњаците и сите граѓани. И кога така се расфрлаат со барања со кои удираат по државата, треба да се свесни дека и јас како лидер можам и во суштина имам барања кои лесно може да се извадат на маса, но дали тоа ќе ги реши суштинските проблеми на граѓаните. Дали тоа ќе донесе доверба едни кон други и дали тоа ќе обезбеди иднина за сите нас. А сите сме под едно исто небо и делиме една заедничка судбина Суштината не се политичките барања што може да се измислат, туку напорот да го направиме животот на граѓаните подобар – кажа Мицкоски.
Премиерот порача дека нема да води разговори за теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања и ги повика сите лидери, субјекти да разговараат за она кое што е вистински важно за сите граѓани, како што е економијата, владеењето на правото, образованието, иновациите кои носат иднина.
– Не е поважно какво слово ќе има на парче хартија, од тоа каков живот има во реалноста. Не е поважно од тоа каков закон ќе има од тоа дали Липково, Желино, Тетово или Делчево има вода за пиење. И Македонците, и Албанците, и Турците, и Ромите, и Србите, и Власите, и Бошњаците и сите останати се вистински уморни од злоупотребата на нивните позиции и фактот што политички елити градат кариери на нивниот грб додека сите заедно делиме иста судбина. Затоа нема да водам разговор на теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања, и ги повикувам сите партии, субјекти и лидери ајде да зборуваме за она што е вистински важно, а тоа е економија, образование и иновации кои носат иднина. Ајде да зборуваме за повеќе пари за народот и економија. Ајде да отвориме дебата за економијата и како да ги решиме проблемите на граѓаните овде во Крушево, Гостивар, Дебар или Струмица и Прилеп, Кавадарци или Кичево. Подавам рака за решавање на проблеми, за конструктивни дијалози и за предлози како до подобар живот. Подавам рака за дијалог за економска, правна, чувствителна обнова за нашата заедничка Македонија. Еве ги слушам вашите предлози. Да обезбедиме единство за економска иднина – порача Мицкоски.
Тој подвлече дека Владата има економска визија за развој на државата, за нови работни места за создавање на подобар живот и сигурна иднина.
– Така ќе го градиме единството и ќе создадеме иднина за сите. Имаме економска визија за развиена Македонија. Доаѓа нова ера на развој и на нови работни места. Ова е само почеток на нашата економска преродба, а најдоброто допрва доаѓа. Нашата цел е да создадеме стабилна и просперитетна економија која ќе им овозможи на сите наши граѓани подобар живот и сигурна иднина – истакна премиерот Мицкоски во својот говор на Мечин камен.