Судскиот совет на денешната 462. седница изврши избор на претседатели во Апелациониот суд во Скопје и Основните судови во Битола и Прилеп.
Судијката Мери Дика, која досега ја извршуваше функцијата в.д. претседател на Апелациониот суд Скопје, денеска е избрана за претседателка.
Судијката Татјана Петровска е избрана за претседател на Основниот суд во Битола, а Јасмина Шишковска Стојковиќ за претседателка на Основниот суд во Прилеп.
Во Основните судови во Велес, Делчево, Крива Паланка и Штип, согласно денешната одлука на Судскиот совет, досегашните претседатели ќе останат да ја вршат функцијата в.д. претседатели сѐ до изборот на нови претседатели.
Согласно оваа одлука, во Основниот суд во Велес останува в.д. претседателка да биде Лидија Димова, во Основниот суд во Делчево – Миле Георгиев, во Основниот суд во Крива Паланка – Љубица Цветковска Стојановска и во Основниот суд во Штип – Ѓорѓи Андонов.
На седницата беше донесена и одлука по поднесено барање за патни трошоци и беше утврдена конечната ранг листа за избор на судии за Апелациониот суд Скопје.
Од денешната седница преостанува уште расправата по претставките и поплаките од граѓаните и правните лица за работата на судиите и претседателите на судовите поднесени до Судскиот совет како и точката разно.