Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина Изет Меџити во врска со одлуката на Владата да почне постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вели дека таа е резултат на континуираните правни прекршувања на Коцевски.
– Прво, оваа постапка е во согласност со духот на меѓународниот фактор и стратешките партнери, со цел да се интервенира таму каде што има прекршувања. Второ, довербата на граѓаните во судскиот систем е на најниско ниво од 90-тите години и речиси повеќе не постои. Трето, јавниот обвинител Коцевски продолжи со континуирани правни прекршувања, создавајќи ситуација што ја направи неизбежна одлуката за негово разрешување – истакна Меџити за телевизија Алсат.
Новиот јавен обвинител, според Меџити, треба да биде професионалец кој ќе придонесе за враќање на довербата на граѓаните во владеењето на правото.
Во однос на законското решение за правична и соодветна застапеност на Албанците, Меџити вели дека тоа е во финална фаза и дека оваа недела се очекува да се одржи претпоследната или последната средба за усогласување на ставовите помеѓу ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
– Во принцип, веќе ги приближивме ставовите и верувам дека до крајот на следната недела ќе излеземе со законско решение или со посебен Закон за правична и соодветна застапеност на Албанците, бидејќи досега тоа беше само механизам, но не и вистинско законско решение – вели Меџити.