Фото: Приватна архива

Десет студенти од техничките факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ добија стипендии од Макстил за студиската 2024/2025 година. Студентите ќе добиваат 10.000 денари месечно за 10 студиски месеци, а дополнително стипендијата вклучува и 15.000 денари за набавка на наставни средства. Средствата на студентите ќе им бидат исплатени ретроактивно почнувајќи од месец октомври 2024 година.

Макстил овозможува пракса за сите стипендирани студенти, како и учество и изработка на проектни задачи под раководство на ментор. Стипендираните студенти при извршувањето на праксата ќе имаат третман како вработени во Макстил, во однос на достапноста до лични заштитни средства, дневни оброци, медицински прегледи, обуки во делот на безбедноста и здравјето при работа, како и обуките за енергетска ефикасност. Дополнително, по завршување на образованието постои можност за вработување на соодветно работно место во Макстил за секој стипендист, со конкурентни услови согласно пазарот на труд.

Фото: Приватна архива

Конкурсот за стипендии траеше од 1 септември до 31 октомври 2024 година, а пристигнати беа 22 апликации. Приоритет беше даден на студенти кои доаѓаат од техничките факултети на УКИМ, односно Технолошко металуршкиот факултет, Машинскиот факултет, Електротехничкиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Макстил како компанија редовно нуди отворени можности за практична работа, стипендирање и перспективни работни позиции. Во таа насока минатата година беше поддршката на младите жени и девојки со СТЕМ образование и поддршката за иницијативата на “Global Engineer Girls“ (GEG), како меѓународна филантропска иницијатива за намалување на родовата нееднаквост во инженерскиот свет, како и зголемување на застапеноста на жените во СТЕМ областа.

Преку стипендирање, Макстил ги поттикнува и средношколците изборот за своето образование да го насочат кон техничките науки, пред сѐ поради перспективноста на овие професии, а паралелно со тоа и поради дефицитарноста од овој образовен и професионален профил во земјава.