Тимови за заштита и спасување составени од 40 лица, се упатени во реонот погоден од земјотрес во Турција, Газиантеп, потврди за МИА, Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
– Упатени се вкупно 40 лица, професионалци, од различни градови и од различни тимови за спасување од урнатини, од високи објекти, коишто со возила и опрема од Дирекцијата за заштита и спасување се испратени на испомош на Република Турција – информираше тој.
Засега, според одлуката на Владата, планирано е тие да бидат таму околу десетина дена. Станува збор за луѓе кои имаат работено на различни обуки во државата, како и во странство, во спасување од урнатини. Поголемиот дел од нив, биле упатени и во 2019 година во Република Албанија, по тамошниот земјотрес.
– Во случај да треба да се пролонгира, тие ќе останат или ќе бидат заменети со други, во зависност од тоа каква ќе биде ситуацијата на терен – појасни Максути во изјава за МИА.
Првичните тимови тргнале утринава, се очекува утре изутрина да бидат таму. Треба да поминат околу 1.900 километри растојание по земјен пат.
АРМ испрати обучен тим за помош во Турција
Армијата на Република Македонија упати тим за претрага и спасување составен од 24 армиски припадници и две кучиња, коишто веќе заминаа за Турција.
– Армијата со авион упати обучен тим за пронаоѓање и спасување, составен од припадници на баталјонот за специјални сили и двајца водачи со службени кучиња, обучени за трагање од командата за обука и доктрини, кои ќе го вложат нивниот максимум за спасување на човечки животи под урнатините, настанати од катастрофалниот земјотрес во нашиот сојузник Турција – информираа од Армијата на Република Македонија.
Штипски пожарникари ќе заминат со вториот конвој за Турција
Петмина пожарникари од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Штип ќе заминат за Турција, соопшти денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Јорданов кој е во комуникација со Дирекцијата за заштита и спасување, рече дека пожарникарите ќе заминат со вториот конвој.
– Целта е да дадеме поддршка во име на хуманоста и солидарноста на најпогодените подарчја и населени места во Турција, да помогнеме на настраданите и при извлекувањето луѓе кои се под урнатините во подрачјата каде што се случи катастрофалниот земјотрес. Оваа прилика ја користам да изразам сочуство до настраданите, со желба побрзо враќање на животот во оваа подрачје на Турција – истакна Јорданов на прес-конференција.
Штипскиот градоначалник истакна дека ќе иницира и на седница на Совет на Општина Штип да се издвојата средства од буџетот, со цел да се донира на граѓаните и општините во Турција. Одлуката во текот на утрешниот ден ќе ја донесат советниците и она што е важно како солидарен град ќе допринесеме со финасиска помош и со испраќање на наши пожарникари, кои се обучени за вакви ситуации, вели Јорданов.
Забележа дека во текот на денот со граѓански активисти и здруженија ќе иницираат и отварање на пунктови за да граѓаните и компаниите донираат за настраданите подрачја во Турција.