Фото: МИА

Нема да коментирам ставови и одлуки на судовите бидејќи тоа е мешање на извршната во судската власт – изјави заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ во врска со изјавата за притисоци на претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, и постапувањето на Судскиот совет.

Пред третата седница на работната група за спроведување реформи во изборното законодавство која денеска се одржува во Клуб на пратеници, Мадиќ одговарајќи на новинарско прашање дали актуелниот судски совет има кредибилитет воопшто да истражува за политички притисоци, последно кај претседателката на Врховен суд, рече дека сите органи што се избрани од страна на Собранието, вклучувајќи го и Судски совет, во дејствувањето имаат свој легитимитет, интегритет и можат да делуваат.

– Ние гледаме дека во изминатите месеци Судскиот совет делува, носи одлуки едногласно, се подвижуваат процесите – дополни таа.

Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, вчера не се појави на средбата во Судски совет, која беше иницирана по нејзиното интервју во медиумите во кое таа изјави дека имала притисоци.

Претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев вчера изјави дека Советот функционира и работи за да ги штити судиите и од тие причини и мотиви, како што кажа, нивна должност е и барале да имаат средба да разговараат со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

– Стоиме на располагање за кој било судија, дали од Врховен или друг суд, да ја отвориме таа дискусија и да се ставиме во функција на заштита на судиите – изјави Георгиев.