Лидерите на албанските партии во Македонија вечерва во Тирана имаат средба со албанскиот премиер Еди Рама на која присуствува и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка.
Рама на фејсбук објави фотографија од средбата со новогодишна честитка до сите Албанци, како што наведува, каде и да се.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак, кој на средбата со Рама во Тирана пристигна во придружба на првиот вицепремиер Артан Груби, рече дека во пријателските и братски разговори ќе се разгледаат сите теми.
– Средбата е пријателска и братска, темите ќе видиме да ги разгледаме сите теми кои што мислиме дека се корисни, особено ме интересира зајакнувањето на заедничката стратегија за приближување на патот кон Европската Унија, а тоа е исклучително важна мисија за нашите земји, исклучително важна за зајакнување на мирот, стабилноста и напредокот на економијата. И тука најмногу ќе го фокусирам моето внимание – изјави Ахмети за ТВ21.
Средбата во Тирана ја свика премиерот Рама со лидерите на албанските политички партии во Македонија. Учесници на средбата се Али Ахмети од ДУИ, Африм Гаши од Алтернатива, Мендух Тачи од ДПА и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците. Поканата ја одби Билал Касами од Беса.
Претходно, албанската телевизија „Њуз 24“ објави дека тема на средбата ќе биде „внатрешно-политичката ситуација во Северна Македонија, улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот во Македонија за обезбедување мнозинство, бидејќи Собранието мора да направи одредени уставни измени поврзани со напредокот и продолжувањето на процесот на евроинтеграции“.