Вие бегате од прашање, а не јас од одговор, затоа што наместо вие да му го поставите прашањето на претседателот на Собранието, ми го поставувате мене, а јас не сум негов портпарол, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на пратеничко прашање од Драган Ковачки, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, кој го повика претседателот на Владата да го осуди однесувањето на Талат Џафери кон собраниските служби.
Праша и зошто неговиот сопартиец од СДСМ Панчо Минов не ја закажува седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања по пријавата од пред две недели на ВМРО-ДПМНЕ за однесувањето на Џафери.
-Доколку не побарате од Минов да свика седница, а од Талат Џафери оставка, ќе покажете дека Етичкиот кодекс е мртов и дека повеќе не важи-рече Ковачки на седница посветена на пратенички прашања.
Претседателот на Владата Ковачевски во одговорот рече дека пристојноста во однесувањето нему му значи и тоа, рече, зависи лично од секој човек на кој начин комуницира и е предмет на етичките стандарди кон кои се придржува. Во однос на барањето за седница на Комисијата, одговори дека голем број седници на собраниските тела се откажани поради бојкотот на опозицијата и дека парламентарните седници не ги закажува премиерот.
-Уште првиот пат кога дадов изјава, реков дека не можам да му наредувам на Собранието на кој начин ќе го спроведува Етичкиот кодекс на однесување, туку за тоа постои соодветна Комисија. Исто така, не може на пратениците некој од надвор да им ги закажува седниците. Поради бојкотот на опозицијата во Собранието, голем број седници се откажани и голем број законски решенија не се носат. Ако може премиер да се јавува и тогаш веднаш да ги закажуваат седниците, тогаш да воспоставивме таква пракса. Но не може закажување на некоја седница, а на некоја не, да биде исклучок само затоа што некому тоа му одговара-рече Ковачевски.
Незадоволен од одговорот, пратеникот Ковачки рече дека премиерот Ковачевски „демонстрира класичен мазохизам и покажува дека е уценет“.
-Не осудувате и се обидувате да релативизирате. Имате потврда од самиот Талат Џафери и треба да се одважите да го осудите овој чин, а не да поддржувате нецивилизирано однесување-рече Ковачки.
На говорот на премиерот процедурално реагираше Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека Ковачевски изнел неточни факти за блокада на опозицијата. Рече дека активна блокада подразбира дека вчера работеле од 11 до 23 часот и дискутирале и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
-Таа активна блокада ќе ја имате, нефункционирање на Собранието и незакажување седници ќе го барате во своите редови и за тоа не ја обвинувајте ја опозицијата-рече Мицевски, додавајќи дека не дошле на ред да се разгледаат две интерпелации што ги поднеле – за Бојан Маричиќ и за Љупчо Николовски.
Ковачки го праша премиерот и дали смета дека Талат Џафери е опасност/закана за национална безбедност зашто, како што рече, криел дека на средба со претставници на Европскиот муслимански форум минатата година присуствувал и Чеченецот Абдул Вајед Нијазов поранешен пратеник во руската Дума кој е поддржувач на претседателот на Русија Владимир Путин т.е. дека Џафери се сретнал со „лица кои се од безбедносен карактер“.
-Како може да не ве интересира со кого се среќава вториот човек на државата и дали некој му наметнал да се среќава со нив-рече Ковачки и праша и дали премиерот знае кој иницирал изградба на споменик на Ахмат Кадиров во Тетово.
Премиерот одговори дека на 8 јули претседателот на Собранието имал средба со делегација на Европскиот муслимански форум во кој биле претставници од различни земји и дека содржината на разговорот на мултилатерално ниво како и секогаш, рече, е објавена во веста на веб-страницата на Собранието.
-Пред одржувањето на средбата, според вообичаената пракса, Собранието добива и позитивно мислење од МНР на Северна Македонија и информација дека делегацијата е примена од страна на домаќинот кој треба да ги прими. Вакви средби на претставници на Европскиот муслимански форум имале и други државници во регионот, а во 2018 истиот форум бил гостин и кај претседателот на Република Македонија во тоа време. Кога Европа и светот одржуваат конференции за борба со лажни вести и дезинформации, не е убаво нешто што е објавено и за што постојат записи и што било во минатото да се пласира како сензација која е навистина неточна и има за цел да нанесе штета, прво во Собранието, а и штета на државата, истакна Ковачевски.
Џафери кон ова додаде дека биле известени сите институции и јавноста преку медиумите.
–Така што, вие може да зборувате по однос на ова прашање што сакате-рече претседателот на Собранието.
Во однос на коментарите на социјалните мрежи за одењето на ќерката на премиерот на аудиенцијата кај папата во Рим, Ковачевски рече дека не се пречекорени протоколите и дека не е невообичаено државникот да поведе по свој избор кој било член од семејството. Такви примери, рече, имало и порано кај нас и во светот и дека и тој што го придружува искажува почит и чест кон домаќинот.