Се продлабочува соработката меѓу дијаспората и македонските малцинства

Доколку се земе предвид дека во изминативе години постојано се негираат македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., и се засилуваат обидите за асимилација на македонското малцинство, особено видливо во Република Албанија и Косово, потпишувањето меморандум за соработка помеѓу Централниот совет на Македонците и друштвото „Илинден“ – Тирана е позитивен чекор во афирмацијата и заштитата на македонските национални особености

Во изминатиов период се продлабочија соработката и координацијата меѓу македонската дијаспора и претставниците на македонското малцинство од околните држави. Конкретно, Централниот совет на Македонците во Германија од Сојузна Република Германија претставуван од претседателот Роберт Кленкоски и македонското друштво „Илинден“ – Тирана од Република Албанија претставувано од претседателот Никола Ѓурѓај потпишаа меморандум за соработка. Споменатиот меморандум има цел засилена активност за промоција и афирмација на македонска култура, македонски јазик, традиции и фолклор на национално, но и на меѓународно ниво.

Двете македонски организации искажаа подготвеност за градење партнерство и спроведување конкретни активности и реализација на заеднички цели преку заемни проекти. Посочените проекти ќе имаат цел спроведување истражувања, како и креирање, развој и промоција на македонската култура, промовирање и поддршка на научни, културно-уметнички, спортски и хуманитарни активности и манифестации, како и размена на деца и младинци во разни манифестации.
– Досега македонското друштво „Илинден“ – Тирана има потпишано меморандуми за соработка со десетина македонски друштва и здруженија во земјава и во други земји во Европа и во светот. Една од целите на македонското друштво „Илинден“ – Тирана е да ја прошири соработката со сите заинтересирани во Република Албанија, како и во татковината Македонија и на меѓународен план – вели Никола Ѓурѓај.

Доколку се земе предвид дека во изминативе години постојано се негираат македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., и се засилуваат обидите за асимилација на македонското малцинство, особено видливо во Република Албанија и Косово, потпишувањето меморандум за соработка меѓу Централниот совет на Македонците и друштвото „Илинден“ – Тирана е позитивен чекор во афирмацијата и заштитата на македонските национални особености.

Во оваа конотација, Роберт Кленкоски, претседател на Централниот совет на Македонците во Германија, вели дека соработката и поддршката на македонските организации и здруженија во Албанија, Грција, Бугарија и Србија од страна на македонската дијаспора е позитивен чекор, како и дека спомената поддршката треба да се продлабочи.
– Централниот совет на Македонците како организација што ги обединува македонските друштва и здруженија во Германија се залага за афирмирање и промоција на македонскиот јазик, култура, историја итн., и врз овие принципи и во иднина ќе ги помага организациите на македонското малцинство во околните држави – вели Роберт Кленкоски.


Организацијата што ја обединува македонската дијаспора во Германија

Централниот совет на Македонците во Германија е непрофитно, непартиско и невладино здружение, кое се стреми кон духовно, културно и економско обединување на Македонците во Германија, како и кон унапредување и продлабочување на македонско-германската соработка. Освен тоа, Централниот совет на Македонците ги застапува интересите на македонската заедница и ги поддржува македонските здруженија за ефективно исполнување на нивните задачи и цели. Оттука, постојано ги охрабрува сите заинтересирани невладини организации, здруженија и граѓани да се приклучат кон заедничките цели, да им го подобрат животниот стандард на Македонците во општеството во кое живеат, во својата татковина и светот, да ја одржуваат и шират македонската култура и да ги бранат правата на Македонците.
Претседател на Централниот совет на Македонците во Германија е Роберт Кленкоски, кој наедно е и првиот Македонец што е избран во Комисијата за учество и интеграција на Окружното собрание Штеглиц-Зелендорф во Берлин.

Д.Ст.