Фото: Фејсбук/Дритон Небиу

Општина Арачиново не е заборавено село, туку е општина што заслужува и има потреба од грижа, особено од државните институции, порача директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, на „Фејсбук“.

Агенцијата, како што има напишано Небиу, обезбедила и пуштила во процедура издавање транспортно возило за услугите на џамијата во општина Арачиново.

„Со оваа донација покажуваме дека општина Арачиново не е заборавено село, туку е општина што заслужува и има безброј потреби за грижа, токму од државните институции. Затоа мојата соработка со граѓаните ќе биде континуирана. Нашите активности ќе продолжат, нема да застанеме тука“, напиша Небиу на својот Фејсбук-профил.

-Ве известуваме дека Агенцијата нема направено никаков законски прекршок со покренувањето на иницијативата- предлог за отстапување на возило, туку напротив постапуваме согласно законските надлежности на Агенцијата. Имено, откако сум на функција како директор во Агенцијата, имам одговарано на секое барање доставено до нашата институција, меѓу кои беше и барањето од страна на џамијата во Арачиново – вели Небиу.

Како што е веќе познато на јавноста, додава тој, Агенцијата согласно Законот бесплатно отстапува одземени предмети на други државни органи и надлежни институции преку кои отстапените средства се донираат за потребите на оние кои доставуваат барања.

-Така е и во овој случај, Агенцијата согласно законот, на нивно барање изготви предлог кој ќе биде проследен до управниот одбор и Владата на РСМ за добивање согласност, за која што верувам дека ќе биде позитивна, со оглед на тоа што верските џамии или цркви се институции од општествен карактер, чија намена е за граѓаните, споделувањето и ширењето на мир и спокој во општеството. Ние секогаш стоиме во интерес и за доброто на граѓаните, надлежната дејност која Агенцијата за управување со одземен имот ја врши во поглед на социјалната реупотреба и бесплатно отстапување на одземени добра за општествени цели во кој ќе биде вклучен граѓанскиот сектор ќе биде и понатаму примарен приоритет во работењето – вели Небиу.