Фото: Илустрација/Пиксабеј

Лицето заболено од салмонелоза треба да го следи лекар. Болеста може да помине лесно, но може и да се искомплицира состојбата, вели д-р Христина Стојчевска, матичен лекар

Бактеријата салмонела, поради која беа затворени училишта во скопската општина Карпош, каде што беа заразени ученици, ја предизвикува болеста салмонелоза. Таа се пренесува преку храна и најчесто се поврзува со јадење на јајца и претставува важен јавно здравствен проблем. Бактерија, Salmonella enteritidis, објаснуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) може да се пронајде во нормални јајца за конзумација, и ако тие се консумираат термички необработени, бактеријата може да предизвика болест. Граѓаните треба да бидат свесни за можноста од постоењето на бактеријата и да научат како да ја превенираат можноста да заболат.

Кујните во три училишта, заедно со магацинскиот простор во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се затворени откако се потврдени случаи на девет деца заразени со салмонела – информираат од Општина Карпош. Во ООУ „Војдан Чернодрински“ се заразени три ученици, во „Владо Тасевски“ пет, а во „Јан Амос Коменски“ има еден ученик заразен од салмонела.

Затворени кујните во четири основни училишта во општина Карпош, девет деца се заразени со салмонела

Првите симптоми кај оние што се инфицирани со салмонела се јавуваат најчесто во период од 12 до 72 часа по конзумирање на контаминирана храна или пијалок. Обично се појавува треска, грчеви со стомакот и дијареа. Болеста обично трае 4 до 7 дена. Дијареата може да биде изразена и во тешка форма, па задолжително треба да се побара лекарска помош. Старите лица, доенчињата и оние со оштетен имунолошки систем може да имаат потешка форма на болеста. Кај нив инфекцијата може да предизвика тешки компликации па дури да заврши и летално доколку не се третира соодветно.

-Лицето заболено од салмонелоза треба да го следи лекар. Болеста може да помине лесно, но може и да се искомплицира состојбата – вели д-р Христина Стојчевска, матичен лекар.

Како јајцата стануваат контаминирани со салмонела

Повеќето соеви на салмонела, објаснуваат од АХВ, живеат во цревата на животните и птиците и се пренесуваат на луѓето од контаминирана храна од животинско потекло. Јајцата се инфицираат во јајниците на здрави кокошки кога салмонелата ќе се најде таму пред формирање на лушпата. Докажано е дека само мал број на кокошки се заразени во кое било дадено време. Заразената кокошка може да несе многу здрави јајца додека само повремено да излачува салмонела и несе јајца контаминирани со бактеријата.

Кој може да се разболи

Здравата популација на возрасни и деца се изложени на ризик од салмонелоза поврзана со јајца, но зголемен ризик за сериозна болест се јавува кај постарите лица, доенчињата и лицата со оштетен имунолошки систем. Кај овие луѓе релативно мал број бактерии салмонела може да предизвикаат сериозна болест.

Што може да се направи да се намали ризикот

Јајцата се безбедни кога со нив се ракува правилно, објаснуваат од АХВ. Чување на јајца соодветно во фрижидер го спречува понатамошното размножување на салмонела во јајцата. Се препорачува термичката обработка на јајцата пред консумација. Н.Б.З.

Поради салмонела, инспекции на АХВ во сите училишта во Општина Карпош, во кои децата јадат храна од ист оператор