Фото: Пиксабеј

Идеална собна температура денски е 21 степен Целзиусов, во ноќта – 18 степени Целзиусови. Но во период на топлотни бранови најдобро е собната температура да се одржува околу 25 степени Целзиусови, советуваат од Институт за јавно здравје (ИЈЗ).

-За разладување на внатрешни простории треба добро да се процени пред да ги отворите прозорците на вашата куќа. Ако температурата надвор е повисока отколку внатре, може да изгубите релативно поладно засолниште. Наместо тоа, во периодот од 10 до 17 часот цврсто затворете ги прозорците и завесите, надворешните или внатрешните ролетни во просториите свртени кон сонце. По потреба, може да се користат чаршафи или крпи – велат од ИЈЗ.

Отворете ги прозорците кога воздухот се чувствува поладен надвор отколку внатре.

-Употребата на електричните уреди создава топлина. Исклучете ги грејните тела, како и електричната опрема и светлата што не се во употреба. Електричните вентилатори можат да помогнат, но само ако температурата е под 35 степени. Можете да ја разладите просторијата без вентилатор следејќи други совети – објаснуваат од ИЈЗ.

Температурата на клима уредот не треба да биде наместена на помалку од 7 степени разлика од надворешната. На пример, ако надвор 35 степени, клима-уредот максимум треба да биде наместена на 28 степени.

-За поголема ефикасност и економичност на ладењето, изладете една или две соби наместо цела куќа. Гответе во поладно време од денот. Употребата на ринглата и рерната да биде колку што е можно пократко време, а пред и после употреба да следи соодветна аклиматизација на просторијата каде се употребувале. Дрвјата се одличен начин да ги одржувате градовите ладни, па дури и едно дрво на улица или градина дава мерливи придобивки. Размислете и за садење на дрвја со семејството или соседите чии позитивни придобивки ќе ги почувствувате вие и идните генерации. Особено поволен ефект за ладењето даваат дрвјата со голема крошна – велат од ИЈЗ.