Фото: Твитер

На иницијатива на бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, ќе се збратимуваат Струмица и бугарскиот град Крџали.

Тоа беше соопштено по денешната средба меѓу градоночалниците на Општина Струмица, Костадин Костадинов и градоначалникот на Крџали, Хасан Азис која се одржа на иницијатива на бугарскиот европратеник, Ќучук.

Според градоначалникот на Струмица на денешната средба е разговарано за иднината и за можностите за соработка.

-Убава е иницијативата Општина Струмица да се збратими со Општина Крџали. Особено радува фактот што тоа може да го крунисаме и во Брисел, под покровителство на европратеникот Ќучук и навистина ќе биде прекрасна порака до двата народи дека треба да размислуваме за иднината, за развојот и прогресот на нашите општини и на крајот да заклучиме дека и двете општини го имаат постигнато нивото на развој кое е потребно. И Струмица и Крџали ги споделуваат европските вредности што е особено важно за едно вакво специфично време – рече Костадинов.

За Ќучук е мошне значајно што ќе се збратимуваат две мултиетнички општини и различностите треба да водат кон единство, кое е и смислата на постоењето на ЕУ.

-Ова се добри примери кои отвораат убави можности за комуникација меѓу двете општини, за соработка во бизнисот, културата, образованието и најмногу ќе ги зближат народите- рече европратеникот Ќучук.

Градоначалникот на Крџали, Хасан Азис, ги промовираше постигнувањата на неговата општина при што истакна дека бараат воспоставување на соработка и пријателство со општини кои се близу Бугарија.

-Првата идеа е да дојдеме ние од Крџали и да се учествуваме на Струмичкиот карневал, а од Струмица очекуваме да дојдат фолклорни друштва на нашиот фестивал кој се одржува во нашиот град. Има инвеститори од Крџали кои бараат место за инвестирање и следната средба да биде меѓу бизнисмените од двата града- рече градоначалникот Азис.

На денешната средба присуствуваа членови на Советот на Општина Струмица, како и од бугарските градови Крџали, Благоевград и Хаџидимово.