Не ја делам оценка дека Обвинителството постапува селективно и дека подлегнува на политички влијанија. Доколку Обвинителството е под политички влијанија, веројатно немаше да отвори предмети против носители на јавни функции, вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за МИА.
-Јас повеќе пати сум нагласил дека не ја делам таквата оценка и секогаш ја илустрирам со неспорни податоци дека ние во последниве години имаме обвинето потпретседател на Собранието, имаме обвинето генерален секретар во Министерство, имаме покренато постапки против судии и јавни обвинители и против други носители на јавни функции – потенцира Јовески.
Посочува дека е свесен сум за перцепцијата во јавноста оти Обвинителството е под влијание на политиката и определени моќници, но, како што додава, цело време се залага и уверен е дека обвинителите сами ги носат своите одлуки без надворешни влијанија.
На прашањето зошто кај нас истрагите траат предолго, Јовески вели дека не се согласува со оваа констатацијата, притоа посочувајќи го предметот „Ласкарци“ за кој Обвинителството во рок од три месеци ја заврши истрагата.
-За жал и во тој случај животите ги изгубија повеќе наши граѓани. Ние поднесовме соодветно обвинение, но судската постапка трае подолго време. Информиран сум дека некаде околу 100 рочишта се закажани или одржани, но нема судска одлука, истакна тој.
Говорејќи за несреќата во „Модуларната болница“ во Тетово, Јовески посочи дека се прибрани речиси сите докази и дека се чека експертизата од германските експерти.
За автобуската несреќа во Бугарија во која 45 македонски граѓани ги изгубија животите, државниот јавен обвинител информира дека во ОЈО Скопје е оформен предмет за да се испита дали некое службено лице од надлежните органи имало определени дејствија што требало да ги преземе, а не ги презело, или пак преземало определени дејствија за кои не било овластено да ги преземе.
-Таа постапка се уште се води во Обвинителство, се прибираат докази и откако ќе ги собереме сите докази ќе донесеме јавнообвинителска одлука – најави државниот јавен обвинител.